Арифи: Евроатлантската агенда ги зголемува шансите на жените!

За дебатата „Жените во политиката“, дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе три месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, ЦИВИЛ Медиа направи видео-интервјуа со истоветни прашања со политичарките Теута Арифи (ДУИ), Радмила Шекеринска (СДСМ), Лилјана Поповска (ДОМ) и Влера Ејупи (ДРДПА). 

 

ЦИВИЛ Медиа: Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат жените во политиката?

АРИФИ: Мислам дека првиот предизвик на секоја жена во политиката е најпрво да успее да се соочи со сите предрасуди кои фактички ги имаат за жените во политиката. Вториот предизвик, имајќи го предвид фактот дека се работи за политички партии во кои жените треба да бидете активни, е да може да се направи добро позиционирање на жените во рамки на политичките партии. Во текот на нивната работа нормален е предизвикот на соочување со системот во земјата, кој, јас мислам, како таков, има многу проблеми во однос на вредностите на демократијата, на правата, на транспарентноста... Значи, сите овие моменти, недостатокот на демократија, недостатокот на права и транспарентност, недостатокогт на вистинска борба против корупцијата, апсолутно ги прави жените со помалку можности за активност во политиката.

ЦИВИЛ Медиа: Кои родови прашања ги застапувате и со какви успеси можете да се пофалите во својата политичка кариера на тема родова еднаквост?

АРИФИ: Како заменик-премиер на Владата на Република Македонија за европски прашања, исто така, бев прва жена од албанската етничка заедница која имаше висока позиција, и апсолутно, за мене беше многу битно да се работи на реализирање на европските процеси во нашата земја затоа што шансите за жените се поголеми доколку се држиме до евроатлантската агенда на нашата земја. Што повеќе излегуваме од таа агенда, шансите за жените се многу помали. Исто така, голем предизвик беше да се изборам да станам градоначалник на Општина Тетово, имајќи го предвид фактот дека кога ги добив изборите во Тетово, јас бев прва жена-Албанка, не само во Македонија, туку и во Албанија, и во Косово која победила на локални избори! Сето тоа што се случи, фактички беше по мојот избор, и јас учествував во многу активности, и во Албанија и во Косово, за промовирање на идејата - жените да бидат градоначалници.

ЦИВИЛ Медиа: Со кои родови прашања (проблеми со правата на жените) ќе настапите на претстојните избори и каква е соработката со Вашата политичка партија во поглед на овие прашања? Колкав простор добива жената во програмата и активноста на Вашата партија?

АРИФИ: Како и во секоја партија, во Програмата вие добивате простор. Друга битка е во реалноста да го добиете тој простор. Јас мислам дека мојот настап ќе биде продолжување на овој тек и на овој тренд што сум го вовела, со зајакнување на положбата на жените во финансиите, во економијата, во борбата против насилството врз жените. Сметам дека во мојата политичка партија има уште многу да се работи, во однос на поголемо промовирање на жените. Многу е направено, ние бевме пионери во многу работи што сме ги направиле, но мислам дека треба и дека има потреба од еден дополнителен напор за овој процес продолжи понатаму.

Биљана Јордановска

 


Караванот на слободата е тримесечен фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.

 

Please follow and like us: