Белoвски: Нападите врз новинарската професија ќе се зачестуваат!

„Ниското ниво на политичка култура кое се сервира преку медиумите, директно влијае врз сите учесници во општеството. Ова е само рефлексија, иако овој случај е изолиран, мислам дека ќе се зачестуваат вакви инциденти. Заострена е реториката, политичките чинители не бираат зборови да се пресметуваат за политички цели во полето кое е достапно за сите, а тоа се медиумите. За жал, сметам дека ќе бидат сé почести нападите кон новинарската професија во наредниот период“, вели во разговор за ЦИВИЛ Медиа, новинарот на ТВ Телма, Павле Белoвски, кој синоќа беше нападнат пред УБК 

 

„Бев нападнат во делокругот на извршување на моите работни обврски пред МВР, од каде се подготвував да се јавам во живо, во последниот Дневник на Телма. Лице кое не го познавам, најпрвин вербално го нападна снимателот кој ја подготвуваше опремата, па ме навреди не со лични навреди, туку со политичка содржина... Беше предупреден од полицајците кои ја обезбедуваат внатрешната контрола да си замине и по неколкуминутно убедување се повлече, но забележав дека се враќа повторно и ми се внесе во лице со зборовите ‘Што ти ќе снимаш, што има ти да кажуваш!’. Прашав: 'Кој си ти?',  а тој почна да ме напаѓа, да ме удира со тупаници во пределот на главата и со клоци. Не му возвратив затоа што забележав дека обезбедувањето на МВР, полицајци во униформа се стрчаа и професионално го совладаа. Му ставија лисици, тој одби да биде приведен доброволно, по што беше приведен на сила. Јас го завршив јавувањето и продолжив во полициската станица Центар. Дадов изјава, а нему му напишаа пријава за физички напад и давање отпор при приведување. Од тоа што дознав во станицата, тој им е познат како насилник. Беше задржан, но претпоставувам дека немаат право да го држат повеќе од 24 часа, затоа што се работи за прекршочна пријава, што значи можеби денеска е веќе на работа“, ни рече Белoвски, осврнувајќи се на вчерашниот настан.

сгсг

На прашањето дали смета дека физичкиот напад беше предизвикан од неговата работа или се работи за лична пресметка, Белoвски рече: „Ако вчера сметав дека сум нападнат јас, сега сум свесен дека е нападната професијата. Од тоа што го сумирав, јас сум убеден дека не бев нападнат како личност, туку како репортер и лицето ќе нападнеше било кој репортер, кој би известувал од тоа место. Знаеме каква е ситуацијата  и случувањата внатре во МВР, има тензии, и ситуацијата има политичка конотација, а во тек се и истражни мерки. По она што го слушнав, според тоа како е запознаен со случувањата, тој би го нападнал било кој репортер кој би се наоѓал таму“, вели Беловски.

„Новинарите не можат да одат со обезбедување, бидејќи се дел од ткивото, од општеството и тие се секаде. Но, со законски измени, генерално можеме да ја заштитиме професијата. Да станеме службени лица и да се водиме со законска заштита како полицијата, секое недолично однесување и прекршок би се санкционирале строго, и тоа би било пример за останатите кои би се дрзнале да нападнат репортер и новинар“, е ставот на Белoвски, како одговор на прашањето - што би можеле новинарите да направат за да се заштитат себеси.

„Ако јас физички возвратев, тоа ќе значеше дека се штитам самиот себеси, но со тоа што не возвратив, ја заштитив мојата професија. Тоа не значи дека треба да сум жртва за да го вратиме  дигнитетот на професијата, но мора од некаде да се почне“, завршува Белoвски.

Осуда за вчерашниот настап пристигна и од сите новинарски здруженија и асоцијации кои го осудија физичкиот напад врз новинарот на ТВ Телма, Павле Беловски. За настанот реагираа Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Македонската асоцијација на новинари (МАН), Самостојниот синдикат на новинари (ССНМ), а осуда пристигна и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Настанот го осудија и политичките партии СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ.

Марија Теговска 

Please follow and like us: