Богоевски: Ќе прифатам одговорност кога Груевски ќе одговaра!

Судот денеска го одложи судењето на активистот Павле Богоевски од Шарената револуција за 14-ти ноември, поради нецелосното обвинение во кое не е наведена висината на наводно предизвиканата штета. Богоевски се товари за учество во толпа што ќе изврши кривично дело за кое следува парична казна или казна затвор до три години. Обвинението се однесува на фрлање со боја кон Министерството за култура, објект кој е прогласен за културно наследство.

_DSC0003

Додека траеше судењето на Богоевски, пред судот протестираа стотина активисти кои носеа пароли: „OJO шуто а сака да боде...“, „6 демолирања на ЛГБТИ центарот за поддршка од 2012/13 = Истрагата е во тек!, 1 боење на Министерството за култура од 18.04.2016 = Судењето е во тек!“, „Си летате во облаци...“, „Ако вие сте суд, јас сум Мерлин Монро...“, „#ПајоНеГоДаваме!“

Богоевски вели дека ќе прифати одговорност доколку паралелно им се суди во соседната судница на инволвираните во објавените разговори.

„Да, бев дел од групата којашто Зврлевски дрско ја нарекува толпа и не, не признавам вина за моето сторено поведение. По дефиниција, вина е општествен прекор. Не може да ме прекорува општеството чијшто правен систем дозволува здружението на Груевски - 10 години да ја силува правдата во оваа држава и да ја киднапира секоја пора во нашето општество. Ќе прифатиме одговорност за своите постапки, но само кога Груевски и другите инкриминирани во објавените разговори ќе прифатат одговорност во судницата, до мојата“, рече Богоевски, откако излезе  од судницата.

Тој смета дека неговото обвинение е политички прогон.

„Обвинителниот предлог, не само што е обид за политички мотивиран прогон врз луѓе коишто протестираат, туку беше и најблаго кажано, катастрофално лошо спремен и правно неиздржан, односно Обвинителството се дрзна да покрене постапка без претходно да биде определена штетата, па денеска, на првото рочиште, им текна да предложат како сведок, претставник на Министерството за култура којшто накнадно ќе се произнесе за наводно причинетата штета. Поради тоа, се одложи судењето за 14-ти ноември, што во принцип не претставува никаков проблем, со исклучок на тоа што се одолговлекува и продолжува оваа голгота и малтретирање и едноставно трошење на времето на целата јавност, од други многу посуштински прашања со коишто се бориме. Во меѓувреме, обвинителството на Зврлевски продолжува да го игнорира вистинскиот криминал во државата, продолжува да постапува исклучиво по налог на својот партискиот шеф, претседателот на партијата, но дојдовме тука за да кажеме дека сè додека нема да има правда, нема да има мир“, изјави Богоевски.

_DSC0002

Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет во Скопје, изјави дека овие судски постапки имаат за цел да ги прогонуваат сите што ја критикуваа власта и кои беа дел од Шарената револуција.

„Тие предлагаат снимки од Шарената револуција како доказ, но што станува со снимките што ги слушна цела Македонија, за корупцијата, за злоупотребата на службената должност на речиси сите министри во Владата на поранешниот премиер Груевски? Ова е нелегитимен процес и ова е процес против народот кој беше дел од Шарената револуција. Верувам дека оваа постапка нема да го има ефектот што го посакува власта“, истакна Пировска.

Таа додаде дека овие постапки се дел од предизборната кампања на ВМРО - ДПМНЕ.

Дехран Муратов

Please follow and like us: