Хајредини: Сиромаштијата е целна група за политичките манипулатори!

Секое ветување дека социјалната ситуација на еден слој население може одеднаш да се поправи е чиста манипулација! Нив не ги интересира долгорочната политика на некоја партија, како ќе ја победи сиромаштијата во една држава, затоа што, објективно, тоа е долгогодишен процес. Нив ги интересира тој ден да добијат нешто да однесат дома, и потоа, четири години да чекаат повторно да добијат нешто... Не се работи за граѓани кои може да ги убедиш дека некоја партија која не дава брашно, не дава шеќер, ќе работи да ја искорени сиромаштијата или да ја поправи нивната материјална положба“, вели во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, економскиот експерт Џевдет Хајредини.

ЦИВИЛ Медиа: Дали социјално загрозените категории во Македонија се злоупотребуваат во политички, односно, изборен контекст? Кои се вашите сознанија и анализи?

ХАЈРЕДИНИ: Без сомневање дека социјално загрозените слоеви на населението секогаш биле предмет на злоупотреба за политички цели, односно, за поткуп на гласачите. Ова е особено интересно во земји каде што овој слој на населението е висок. Ние знаеме дека Македонија, според сите статистики, европски анализи, спаѓа меѓу најсиромашните земји во Европа. Често се спомнува дека дури 50 отсто од луѓето се сиромашни. Оваа категорија граѓани се и најмалку информирани, од објективни причини, затоа што тој што е загрижен да обезбеди елементарни услови за живот, тој не е во тек со она што се случува во државата, ниту гледа телевизија, ниту чита весници... Така што, политичките субјекти, партиите на власт и во опозиција, многу лесно, со малку пари можат да регрутираат релативно голем број гласачи. Ние сме сведоци во сите циклуси на избори, особено последниве години, кои се форми на злоупотреба ги користат политичките партии против тие луѓе, тие граѓани... И во праксата која сме ја имале досега, со групното гласање, ќе оди домаќинот и ќе гласа за сите. Или, за пример да ја земеме најзагрозената групација во Македонија, Ромите. И во Скопје, и во другите градови, за колку пари може да се злоупотреби еден човек? Еве, партнерот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата на Амди Бајрам, за колку малку пари ќе ги мобилизира, за да гласаат луѓето - на пример, Ромите од Топана - за партијата која ќе им ја каже тој. За вреќа брашно, за основните прехранбени производи, граѓанинот ќе ги земе и ќе оди да гласа, за што не треба тој да се обвинува. Затоа што тој, ниту знае, ниту го интересира - која партија што нуди за иднината на државата. Едноставно, степенот на нивното образование, општествената свест, сиромаштијата..., не им дава воопшто простор тие да бидат заинтересирани за тоа. Овој слој на население, кој е значителен во Македонија, е целна група, рентабилна, за политичките манипулатори.

ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?

ХАЈРЕДИНИ: Секое ветување дека социјалната ситуација на еден слој население може одеднаш да се поправи е чиста манипулација. Нив не ги интересира долгорочната политика на некоја партија, како ќе ја победи сиромаштијата во една држава, затоа што, објективно, тоа е долгогодишен процес. Нив ги интересира тој ден да добијат нешто да однесат дома, и потоа, четири години да чекаат повторно да добијат нешто... Значи, тука ми е поентата, дека не се работи за граѓани кои може да ги убедиш дека некоја партија која не дава брашно, не дава шеќер, ќе работи да ја искорени сиромаштијата или да ја поправи нивната материјална положба.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политички последици од злоупотребата на прашањата од областа на социјалната правда?

ХАЈРЕДИНИ: Апсолутно, тоа го обезбедуваат оние партии на кои им е главна цел што повеќе да се задржат на власт. Секогаш ќе ги користат овие луѓе, за со значителен број гласови да добијат избори. За тоа, најеклатантен пример е случајот кај нас, во Македонија. Но, и во други сиромашни држави, тоа се опции кои ги форсираат политичките партии.

ЦИВИЛ Медиа: Што можат и што треба да направат институциите, политичките партии, синдикатите и граѓанското општество за да ја спречат злоупотребата на социјално загрозените категории и воопшто, темите од областа на социјалната правда, во политички и изборен контекст.

ХАЈРЕДИНИ: Ако зборуваме конкретно за состојбите кај нас, ги споменавте институциите, во сите извештаи на Европската унија, на комисиите на Европскиот совет, е констатирано дека довербата на граѓаните во институциите во Македонија е крајно изгубена. Според тоа, институциите се толку компромитирани и тие се во функција на тоа да ги реализираат токму целите на партиите. Институциите во сојуз со партиите на власт, учествуваат во тоа - социјално загрозените граѓани да ги држат како резервна армија за гласање. Така што, колку и да можат да постигнат невладините организации и другите форми на здружувања и активност, социјална и политичка, гледаме дека тоа многу тешко оди..


ЦИВИЛ - Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.

#СоцијалнаПравда

This post is also available in: Albanian English