УБК го попречува работењето на СЈО

Специјалното јавно обвинителство денеска излезе со соопштение за конечната одлука на директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање со кое се отфрла нивното барање за физичко присуство во просториите на УБК.

По вчерашното барање за физичко присуство, но и ветувањето на министерот за внатрешни работи дека ќе преземат дополнителни мерки за обезбедување на просторот во МВР каде е сместена Управата, СЈО излезе со соопштените кое го пренесуваме во целост:

„Од наша страна, откако беа прибавени поголем дел од податоците, а со цел целосно спроведување на судската наредба, во текот на вчерашниот ден беше побарано од Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање да дозволи физичко присуство на истражители од ова Јавно обвинителство во просториите на Управата се до доаѓањето на надворешниот експерт кој би асистирал при спроведување на судската наредба.

Ваквото наше барање не било прифатено, за што денес добивме и писмен допис од Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање. Со овој допис бевме известени дека Управата како институција овозможува гаранција дека опремата и системите кои се предмет на наредбата во целост се обезбедени согласно прописите за класифицирани информации и дека барањето не е прифатено и поради почитување на принципите на тајност на функционирање на Управата, вклучувајќи ја и конспиративноста на идентитетот на припадниците на Управата.

Предвид наведеното одговорноста за обезбедување на опремата и системите, до пристигнувањето на надворешниот експерт, во целост е на товар на Управата за безбедност и контраразузнавање.

Појаснуваме дека компјутерските податоци кои треба да се одземат ќе овозможат утврдување дали се вршени манипулации со системите или се бришени одредени податоци. Воедно ги имаме предвид и гаранциите на Министерот за внатрешни работи, кој во текот на вчерашната вечер, а и за периодот што следува, се до доаѓањето на надворешниот експерт, презеде дополнителни мерки за обезбедување на кругот на Министерството за внатрешни работи, каде е лоцирана и Управата за безбедност и контраразузнавање.“

 

ЦИВИЛ – Центар за слобода останува на својот цврст став дека на СЈО мора да му се овозможат максимални услови за работа и соработката на институциите мора да биде целосна и без опструкции. Однесувањето на УБК е непримерно и ќе остане запаметено како уште една мрачна епизода од тешкиот процес за враќање на владеењето на правото во Република Македонија. СЈО ја има целосната поддршка од ЦИВИЛ – Центар за слобода и ја заслужува големата од граѓанките и граѓаните на оваа земја.

Б.Ј.

Please follow and like us: