Величковски: Играњето со човечки судбини е расипаност!

„Станува збор за специфична материја, но сакаме да бидеме реални. Ние во Либералната партија немаме намера да бидеме популисти, немаме намера да ветуваме дека само ќе ја зголемуваме социјалната помош, немаме намера само да кажуваме бројки коишто на луѓето не им значат ништо. Или ќе изградиме систем, или оваа држава нема да ја биде!“, вели во интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски

ЦИВИЛ Медиа: Кои се програмските определби на вашата партија во поглед на социјалната правда?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Либералната партија во однос на социјалната правда се застапува за хумана држава и за хумано општество. Навидум, може да изгледа дека станува збор за две теми, но, во основа, зборуваме за истото. За волја на вистината, не веруваме во онаа, таканаречена држава на благосостојба. Сметаме дека Македонија сé уште нема економски ресурси за да може да ја оствари таа уставна категорија на држава на благосостојба. Во однос на социјалната правда, ние таргетираме повеќе области. Една од нив е исполнувањето на сите човекови права, граѓански права, вклучително и односот кон, така да кажеме, маргинализираните групи, како на пример ЛГБТ-популацијата. Зборуваме во однос на остварувањата на правата на жената и зборуваме за она со што всушност, Македонија се врати назад изминатите десет години. Познато е дека единствено Либералната партија се спротистави на изминатиот парламентарен состав, за измените во Законот за предвремено прекинување на бременоста, бидејќи сметаме дека тоа е право за кое што жената има, и тоа како, право да одлучува, пред сé, самата. Таа одлучува за своето тело, таа одлучува за својата иднина и за иднината на своето потомство.

Во однос на она што значи остварување на социјалните потреби на граѓаните во едно хумано општество и во една држава која своите ресурси ги троши на граѓаните заради кои постои, а не за свои потреби и за свој маркетинг, Либералната партија пристапува на дистрибуција на социјалната помош врз основа на многу попрагматични критериуми кои што имаат за цел да го оспособат граѓанинот да се врати на пазарот на труд, а не да живее од милостината на државата. За нас е специфично дека пристапот на субвенционирање сакаме да го употребиме во поттик на работната сила, во поттик на граѓанинот, со своите знаења и со своето претприемништво, да влезе на пазарот. Да создава. Користејќи ги прво социјалната помош, да може да се изгради себеси, да го изгради сопствениот бизнис, или да ја добие сопствената квалитетна работа, да излезе од зоната на закана од сиромаштија, закана од необразованост и да може следниот корисник да ги има истите средства, и повеќе - на располагање. Знам дека станува збор за специфична материја, но сакаме да бидеме реални. Немаме намера да бидеме популисти, немаме намера да ветуваме дека само ќе ја зголемуваме социјалната помош, немаме намера само да кажуваме бројки кои што на луѓето не им значат ништо. Или ќе изградиме систем, или оваа држава нема да ја биде.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се вашите сознанија за злоупотребата на социјално загрозените категории на граѓанки и граѓани во политички, односно, изборен контекст?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Од она што го слушнавме во 2011 година, за уценување на луѓе за ин-витро, да си поигрувате со судбината на луѓето, со нивната желба да добијат дете, до она што значи номинална маркетиншка улога на зголемувањето на социјалната помош за нивната дистрибуција..., сето тоа се злоупотреби кои што во изминативе осум години се вршени на високо ниво. Не можам да кажам софистицирано, бидејќи, играњето со човечката судбина не е софистицираност, туку е расипаност. Сето она што денес значи политика на субвенционирање, има за цел само купување на социјален мир и купување на гласови на партиски поддржувачи.

ЦИВИЛ Медиа: Кои ветувања за социјална правда се реално остварливи, а кои ветувања претставуваат своевидна политичка корупција, односно, поигрување со очекувањата на гласачите?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Сите овие тенденции од еднократни зголемувања на пензиите линеарно, до најави за енормно зголемување на социјална помош, сите тие се лажни! Или, еве да речеме, се фокусираме на неколку групи на гласачи, објаснувајќи што се нашите цели, притоа постапуваме само од реалноста, а не од посакуваното. За нас е жално кога ќе видиме дека зголемувањето на социјалната помош, да речеме, за некои 500 денари, или зголемувањето на пензиите за некои десет евра, треба да се претстави како голем успех. Напротив! Знаете за една наша заложба којашто можеби не наиде на воодушевеност во прв момент во јавноста, но во реалноста беше широко поддржана. Не веруваме во субвенционирање на градски превоз само за одредени категории во еден град. Не веруваме дека цела Македонија мора да го финансира јавниот превоз во Скопје или превозот само на возрасната категорија и не веруваме дека ние треба да влеземе во натпреварот меѓу двете големи групации, во кои едни велат ќе субвенционираме четири дена превоз, други велат - ќе субвенционираме седум дена превоз... Секоја услуга мора да биде платена! Но, затоа треба да овозможиме луѓето да имаат добар приход. Исто така, она што сакаме и мораме да го најавиме како опасност, веќе почна да се зборува. Ние тоа го зборуваме две години. Пензискиот фонд во Македонија е атакуван, пензискиот фонд во Македонија е празен! Истото очекувајте го и во Здравствениот фонд. За нас се неопходни две основни трансформации, во Фондот за пензиско и во Фондот за здравствено осигурување. Реформата од осигурувањето за нас е една од темелните. Вие може да купите какви сакате апарати во болниците, ако немате доктори кои ќе работат со нив, ако немате медицински персонал кој ќе им посвети внимание на пациентите, и на крајот на краиштата, ако немате пари за струја за тие апарати да работат, џабе сте ги купиле! Знам дека ова што го кажувам е непопуларно, но е реално. Јас немам намера да го кажувам она што луѓето сакаат да го слушнат, јас морам да ја кажам вистината. Тоа е пристапот на Либералната партија.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се социјалните и политичките последици од злоупотребата на прашањата од областа на социјалната правда?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Веројатно тоа го живееме сите. Сите тие луѓе на кои им се ветени услуги (за нивни пари), на сите тие луѓе на кои им е ветено дека ќе добијат социјална помош а ја чекаат со месеци, сите тие имаат лажно очекување дека треба да гласаат за одредена партија. Во изминатиов период, за жал, во оваа техничка Влада, не видовме дека било што од тоа е решено. Тука ќе бидат главните предизвици за нас. И тука ќе бидат главните предизвици за секоја следна влада во следните четири години. Оваа криза е предлабока, политичката корупција врз основа на политичка одлука на владеачките партии, и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, е политичка одлука што тие ја имаат донесено и ја практикуваат. За жал, во овој период не видов дека тоа е променето. Ова ќе се решава најмалку четири години. Затоа разговараме со потенцијални, така да кажеме, инвеститори во следните фондови, бидејќи и приватните фондови ќе бидат изложени на ризик. Знаете што се случи пред неполна година, кога се виде дека всушност, добар дел од средствата на приватните фондови, заради Владина одлука, или заради системска негрижа, биле изложени на ризик и бил спречен нивниот профит. Со тоа се оштетени идните пензионери. Не пристапуваме кон тоа да ги задоволиме само сегашните категории пензионери. Внимаваме идните пензионери, исто така, да дојдат до заслужената пензија. Ако оваа држава не е подготвена да ги гарантира правата на своите граѓани, и сега и во иднина, не е подготвена да функционира ниту сега ниту во иднина!


ЦИВИЛ - Центар за слобода го спроведе пилот-проектот „Ветувања и злоупотреби“, кој се занимава со злоупотребата на социјалната правда за политички и изборни цели. Целта на проектот е да придонесе кон зајакнување на јавната свест за злоупотребите во доменот на социјалната темите во изборен контекст, како и превенција од манипулативните практики на политичките центри на моќ. Проектот се спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел – канцеларија во Сараево.

#СоцијалнаПравда

This post is also available in: Albanian English