Граѓанинот Малиќи има лична карта на адреса од напуштена куќа!

Шериф Малиќи (56) е роден во Тетово, а 16 години живее во населбата „Три багреми“ во Прилеп. Лична карта извадил пред 5-6 години, но му било сугерирано да донесе сведок дека живее на друга адреса. Бидејќи „Три багреми“ е „дива“ нелегализирана населба, му посочиле напуштена куќа во која како „жители“ се водат и неговата сопруга и трите деца, иако некои од нив и не живеат веќе во Прилеп.

„Од Општина, од полиција, ми рекоа да извадам лична карта на адреса на куќа во која не живеам. Дојде еден човек, како сведок се потпиша, и ми ја дадоа личната карта! Еве ја личната карта, само треба да ја сменам, оти е скршена, ми бараат и имотен лист... Ја извадив пред 5-6 години. Таа куќа е затворена, празна е, напуштена, а сите се водиме таму, јас, жената, машкото дете и девојчето ми се водеше таму и уште еден син, не е овде, во Тетово е сега, петмина таму се водиме“, вели Малиќи.

слика 8

Тој тврди дека политичарите во „Три багреми“ доаѓаат само за време на избори, поточно, на денот на изборите.

„Доаѓаат, 'ти ја мијат главата со ладна вода' и пријатно. Ни велат да гласаме, ветуваат 'ова ќе правиме, она ќе правиме’, а кога гледаш, ништо не се прави! Да видиме што можат да направат за децата. Овие деца одат гладни во училиште, немам никаков приход за нив, немам ниту социјална помош, а гледам три внучиња“, се жали нашиот соговорник.

Три багреми

Жители на ромска населба „Три багреми“,Прилеп

Тврди дека нема да гласа на овие избори, затоа што не им верува на политичарите. Од ветувањата сите овие години, тврди дека политичарите ништо не оствариле.

„Кога има избори, доаѓаат со автомобили за да ги земат луѓето, ќе речат 'ќе ви дадеме по едно шише масло, по една кеса со брашно’, а ние сме сиромаштија... Доаѓаат од сите партии, од СДСМ, од ВМРО-ДПМНЕ, ги носат на гласање, гласаат за нив, можеби ги убедуваат... Овде има 110 куќи“, вели Малиќи.

Условите во кои живее семејството Малиќи се катастрофални. Живеалиштето не е куќа, туку како што вели самиот Шериф, “на диреци поврзани, картони и теписи“. Кога врне, се жали дека не само покривот, туку прокиснува секој агол во колибата. „Тече вода од сите страни, им капе на децата додека спијат“, вели тој.

Најстрашни се зимите, зашто немаат ниту огрев, но и летата кога змиите минуваат покрај нив. Политичарите од власта, вели, им ветувале многу подобри услови во изминатите 10 години, но од тие ветувања ништо не оствариле.

Текст и камера

Моника Талеска

 

 

 

Please follow and like us: