Битолчани протестираат за чист воздух!

Битолчани, со двочасовна блокада на сообраќајот на излезот од градот кон општина Новаци и РЕК-Битола, втор ден го манифестираа своето незадоволство, испраќајќи јасни пораки до локалната и централната власт, за итно решавање на аерозагадувањето. Иницијаторите на протестите, од организацијата „За нас се работи“, во изјава за ЦИВИЛ Медиа порачаа дека веќе нема да молчат и да умираат!

„Битола е во групата на најзагадени градови во Европа. Битола се задушува, Битола умира! Битола е пациент заболен од најтешкиот канцер, кому лекарите не му ја откриваат дијагнозата, зашто броени се деновите. Поади тоа, Битола ќе го крева гласот и нема да молчи. Ако умираме и ако ни нема спас, барем ќе побараме од идните генерации да не ја повторат истата грешка. Зашто, за нас се работи!“, велат од здружението „За нас се работи“.

Бараат да се воведе режим на сообраќај во централното градско подрачје од 18 до 01 часот по полноќ и отпишување на таксата за ангажирана моќност од 33% од сметките за електрична енергија, за секое броило во општина Битола. Воедно инсистираат на субвенционирање на киловат-часот со 30% од ЕЛЕМ, а 70% од семејните буџети.

15319598_1538934259455018_442635168_n

Протест за чист воздух - „За нас се работи“

„Во изминатите години и протестиравме и меморандуми потпишувавме и зборувавме со политички партии и со носители на одлуки, но резултат за аедрозагадувањето во Битола – нема. Како израз на краен револт, тоа што можеме ние граѓаните да направиме е токму – блокирање на патниот правец Битола – РЕК. Ова е во корист на граѓаните, на нас, кои живееме во Битола и коишто постојано се задушуваме“, рече Илија Балтовски од „За нас се работи“.

Блокадите продолжуваат и утре од 15 до 17 часот. Ако барањата не им бидат исполнети, иницијаторите најавуваат радикализација на протестите и целосна блокада на патот што води кон најголемиот аерозагадувач, РЕК „Битола“.

Грин ЦИВИЛ