Протест против владината одлука за намален буџет за ХИВ

„Стратегија нема, ХИВ ќе има!“, „Во името на сексот, сидата и епидемијата – Амин!“, „860 нови инфекции без превентивна програма!“..., се дел од пораките и транспарентите од денешниот протест, преку кој 16 невладини организации од земјава, го манифестираа своето незадоволоство од кратењето на буџетот за Националната програма за ХИВ. На Светскиот ден за борба против СИДА тие испратија пораки до власта.

„Владината одлука за намалување на буџетот за ХИВ, ќе предизвика епидемија на Сида во Македонија, но и зголемен број на жртви од оваа болест. Денешниот протест на Светскиот ден за борба против СИДА е токму, за да го изрази незадоволството од ваквите владини политики“, изјави Војо Иванов - „Хера“.

„Апелираме до сите политички партии и донесувачи на одлуки да ги поддржат и финансираат превентивните програми за ХИВ и за поддршка на лицата кои живеат со ХИВ. Бидејќи прекинот на финансирањето на овие програми, оставаат над 15.000 припадници на овие маргинални категории и нивни семејства да останат без сервисите, што им се неопходни и коишто значат живот за нив“, порача во изјава за ЦИВИЛ Медиа, Сузана Наумова од „ХОБС“.

Во Македонија, според официјалните податоци годинава од Сида починале две лица, а евидентирани се 33 случаи на инфицирани лица со ХИВ вирусот. Но, според инфектолозите реалниот број на инфицирани е речиси тројно поголем, зашто има многу граѓан(к)и кои што се носители, а немаат изразени симптоми на инфекцијата.

Според меѓународните проценки, Македонија може целосно да го финансира својот одговор за справување со болеста. Но, актуелната власт наместо континуирано да го зголемува буџетот за програмите за ХИВ, ги намали буџетските средства, токму во година кога се повлекува Глобалниот фонд како најголем донатор во Македонија.

Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка на ХИВ, по тој повод протестниот марш го започна од „Паркот на новинари“, продолжи кон Министерството за здравство и заврши на плоштадот „Македонија“.

Маја Ивановска

Камера: Дехран Муратов