Протест за чист воздух и здрави деца

В среда (28 декември 2016 г.) од Градски парк во Скопје, кај фонтаната ќе започне протестен марш, за чист воздух и здрави деца, во организација на  еко-активисти и граѓани. Активистите се оградуваат од политичките партии и бараат од градската и централната власт итно остварување на 17 барања.

pm-chestichki-infografik

Меѓу нив најитни се: воведување на пар-непар денови за моторните возила. Забрана за движење на возила кои што се без катализатори за издувни гасови. Бесплатен градски превоз цела зима. Итна набавка и бесплатна поделба на маски со потребни стандарди за заштита со потребни димензии за сите граѓани, вклучувајќи ги и децата на Скопје. Зголемен број инспекциски контроли на начинот на греење на граѓаните. Обезбедување бесплатен огрев за граѓаните кои се грејат на гуми и други штетни материи. Ненајавени контроли на оџаците на индустриските капацитети, кои (се сомневаме дека) загадуваат.

Привремена забрана за работа на сите индустриските капацитети, кои што го загадуваат воздухот.

„Загадувањето на воздухот е најголемо до сега. Дури и до 20 пати над нормалата.  Болестите и смртноста, поради загадениот воздух драстично се зголемуваат. Најмногу страдаат децата, кои секојдневно се движат одејќи на училиште или во градинка, но и сите граѓани кои живеат и работат во Скопје.  Локалните и централните власти не преземаат ништо. Демонстрираат тотална негрижа за здравјето и животот на населението“, реагираат екоактивистите во дописот медиумите.

Тие бараат и итно формирање кризен штаб во Центарот за управување со кризи, којшто ќе ја следи состојбата и ќе предлага и презема итни мерки против загаденоста на воздухот. Едновремено бараат да се запрат градежните работи во Скопје и почесто и потемелно чистење на улиците од улична прашина. Инсистираат и на почести полициски контроли на возила, што носат нечистотија на гумите, особено такви коишто излегуваат од градилишта.

За остваувањето на сите овие барања, како и редовни контроли со цел извршување на обврските за чистење на јавните површини околу градилиштата, екоакивистите им даваат рок на градската и централната власт до 3 јануари. А, за останатите 4 екобарања даваат краен рок од 5 дена по конституирањето на новиот состав на Собранието. Екоактивистите имаат намера барањата да им ги вратат лично на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски и на премиерот, Емил Димитриев.

Протестниот марш според агендата ќе започне пред фонтаната во Градски парк, ќе продолжи пред просториите на Град Скопје, а оттука по Илинденска ќе заврши пред Владата на РМ.

Please follow and like us: