Реакција:Зголемена, но непартиска викенд активност во градинката „Бончејца“ во Прилеп!

По текстот објавен на Грин ЦИВИЛ со наслов „Во градинката Бончејца’’ во Прилеп зголемена (партиска?) викенд активност“, надлежните од ЈОУДГ „Наша иднина“ се огласија со реакција, насловена како демант, во која потврдуваат дека викендов била зголемена активноста во градинката во населбата „Бончејца“, но објаснуваат дека не се вршеле партиски активности. Грин ЦИВИЛ ги објавува наводите од реакцијата интегрално.

Tочно е дека на 03 и 04.12.2016 година имаше зголемена активност во детската градинка „Бончејца“. На иницијатива и под покровителство на родители, чии деца се згрижени во нашата установа се одржа семинар за воспитувачите, на кој предавач беше  проф. д-р Ранко Рајовиќ на тема, „Стимулација за развој на севкупните способности на децата од предучилишна возраст“ како втор дел од семинарот кој на 03.12.2016 се одржа во центарот за култура ,,Марко Цепенков’’на тема „Како да се развие интелигенцијата кај децата преку игра“. И точно е дека материјалот за семинарот беше донесен во кутии. И сертификатите за учесниците беа донесени во картонски кутии. И храната за учесниците беше донесена во картонски кутии. И да, се паркираа возила околу објектот, затоа што дел од учесниците пристигнаа со сопствени возила. И точно е дека учесниците на семинарот ги користеа и предниот и задниот влез на градинката. На 04.12.2016 утрото околу 9 часот пристигнуваа учесниците на семинарот. И беа фотографирани од родител на дете згрижено во  нашата установа, кој седеше во својот автомобил, пред градинката. Вработен е во полиција, но не беше паркиран пред влезот од градинката по службена должност. Кратко потоа, котларот ме повика да излезам од семинарот, бидејќи дошла полициска патрола. Полицајците беа учтиви, ми кажаа дека има пријава за зголемена раздвиженост во градинката. Им дадов изјава, направија увид и си заминаа. Пред градинката, стоеше член на Советот на Општина Прилеп од најголемата опозициска партија, заедно со други 2 лица. Дали можеби тој е соседот, кој пријавил сомнителна раздвиженост во градинката?!

Морам да реагирам и на дел од текстот во кој велите (цитирам) „Реагираа и затоа што, според нивни тврдења партиската припадност била ,’виза’ нивните деца да бидат (не)згрижени во овие градинки“. Дали на родителот кој ги фотографираше учесничките на семинарот кога влегуваа во објектот, му е побарана „виза“ за партиската припадност? Дали на советник во Советот на Општина Прилеп од најголемата опозициска партија, за двете деца кои се згрижени во нашата градинка му е побарана некаква „виза“ за партиска припадност? Факт е дека имаме голем интерес за прием на деца, па затоа и постојано се прават напори за зголемување на капацитетот на детската градинка.Проф.д-р Ранко Рајовиќ е светски признат и познат експерт. Предава во 20 држави во светот. Член е на Светската Менса. Автор на НТЦ Програмата. Семинар со проф. д-р Ранко Рајовиќ е сон на секој воспитувач, сон на секој родител. Нашиот напор, реализацијата на оваа работилница е голем чекор напред за тие кои се грижат за децата од нашиот град, за вработените во детската градинка. За жал, некој го злоупотребил за дневно-политички цели. Сигурна сум дека во другите 20 земји каде што работи, никогаш полицијата не била заинтересирана за неговите семинари како што денеска беше во Прилеп.

Децата се невини, децата се најискрени и кога наутро ќе пристигнат во нашата установа ние не им бараме никаква „виза“, туку им велиме „Добро утро, добредојде, ајде влези си кај другарчињата“. Жалам што е нарушен угледот на установа, која постои 48 години само за овозможување на сестран развој на децата од предучилишна возраст од нашиот град. Жалам што некој си поигруваше со мене и со вработените во установата, со која раководам на еден прекрасен ден, којшто е почеток на внесување на новости во нашата работа и пак со цел да им се овозможи сестран развој на децата. Најискрено жалам што овој прекрасен настан беше злоупотребен и некој проба и на него и на нашата установа да фрли црна дамка!Ве замолувам во иднина никогаш немојте повеќе да си дозволите да си поигрувате со нашите најмили, со нашите дечиња! Постои на овој свет, во овој наш Прилеп и нешто што е над политиката кампања! И жалам, што Вие не посакавте да не посетите и да бидете дел од една креативна и пријатна атмосфера, туку напишавте текст од ,,рекла-кажала’’ извори“, соопштува Христина Трпческа, директор на ЈОУДГ „Наша иднина“, од Прилеп.

Please follow and like us: