РЕМЕНСКИ: Нема да го објавам 10-ти декември за работен ден на администрацијата!

Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ташевска Ременски денеска за Грин ЦИВИЛ, изјави дека нема да дозволи, 10-ти декември да биде работен ден за државната администрација. Таа е категорична во ставот дека дури и да има владини обиди овој ден да биде прогласен, за работен, таа, како ресорен министер, тоа нема да го објави, затоа што така се создава огромен простор за сомнеж дека државаната администрација, која што во голема мерка се уште е под контрола на владејачката партија, токму на ден пред избори, ќе биде ставена во функција на изборната кампања.

„Се уште нема закажано владина седница, за да министерот за труд и социјална политика ги изнесе аргументите против, 10-ти декември да биде работен ден. Меѓутоа министерот за труд и социјална политика, го прогласува работниот односно неработниот ден во Република Македонија, така да дури и да има обид од страна на Владата да не ги послуша укажувањата на министерот   дека 10 декември не може и не смее да биде работен ден за државната администрација, јас најодговорно тврдам дека како министер за труд и социјална политика, нема да го објавам 10 декември, како работен ден за државната администрација“, изјави министерката Ташевска Ременски.

ЦИВИЛ Медиа го актуелизираше ова прашање, вчера откако на социјалните мрежи се проширија гласиштата дека одработувањето на „Денот на дрвото“ ќе се случи на 10-ти декември, ден пред изборите и во тек на изборниот молк, со што се отворија многу дилеми во јавноста, околу можностите за злоупотреба на предизборната сабота, особено на вработените во јавниот сектор и јавните ресурси.

„Одработувањето на ‘Денот на дрвото’ наспроти изборите, извесно дека ќе се искористи за максимална и агресивна пропаганда, особено меѓу вработените во јавниот сектор, за притисоци врз нив и за жестока злоупотреба на јавните ресурси кои ќе бидат ставени во функција на изборната пропаганда. Доколку тоа навистина се случи, тоа ќе биде кршење на изборниот молк какво што немаме видено досега“, предупреди Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ-Центар за слобода.

Инаку, целото интервју со министерката Ташевска Ременски, на сите актуелни теми од социјалната правда, во пресрет на изборите закажани за 11 декември, ќе може да го погледнете утре на сајтовите на ЦИВИЛ: greencivil.mk и civil.org.mk .

Моника Талеска

Please follow and like us:

This post is also available in: Albanian