Стоп за опструкциите на синдикализмот!

Повелбата за солидарност на синдикатите и здруженијата за заштита на работнички правa најенергично се спротивставува на последните опструкции на синдикализмот во Македонија. Во денешното соопштение до јавноста, синдикатите - потписници на Повелбата, бараат надлежните органи во државата, да преземат мерки, за решително надминување на тие опструкции.

povlba-za-solidarnost-logo

Повелба на солидарност

Повелбата го поздравува храбриот чекор на синдикалците од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), за разрешување на досегашниот лидер, Живко Митревски, по неговите антисиндикални потези, кои кулминираа до степен на первертирање на клучната суштина на синдикализмот:

„Наместо политичките партии да ги прилагодуваат своите политички програми и активности согласно барањата на синдикатите, Митревски, практично самостојно или со поддршка на само грст гранкови синдикати ја ‘усогласил’ агендата на ССМ со истата на владеачката партија!“ , стои во соопштението.

Според потписниците на Повелбата, поддршката на разрешениот претседател на ССМ на одржаната седница на ССМ на 13 ноември и молчењето на надлежните во услови, кога Митревски, дури и највулгарно им го попречува физичкиот пристап на гранковите синдикати до нивните простории е апсолутно неприфатливо и крајно нецивилизирано однесување на еден синдикален лидер. Овие потези на Митревски според нив се пример за брутално рушење на институционализмот, за којшто пак наводно се залага владејачката партија.

Синдикалните организации го осудуваат нападот врз канцеларијата на Здружението на работничките и работниците од текстилната и кожарската индустрија „Гласно“ од Штип. Според нив овој е чин на демонстрација на вулгарна примена на физичка сила, затоа бараат МВР и Јавното обвинителство најитно да ги откријат сторителите, кои со овој атак, испраќаат сериозна порака на закана за човековите права, слободата на здружување и изразување на граѓан(к)ите.

„Не можеме, а да не се згрозиме над таквиот вандализам, кога се има предвид за кого се работи, без сомнеж најдискриминираните работници во текстилната и кожарската индустрија во Македонија! Наводната немоќ на полицијата да ги открие сторителите на овој вандализам во едно место, како што е Штип – со долга традиција и со децении стабилно население, не може да биде ништо друго, освен отворено исмевање на поимот, македонски ‘систем на правда’!“, реагираат синдикатите.

Инаку, потписници на оваа Повелба се: Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници  - ССНМ, Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани  - УПОЗ, Синдикатот на македонската дипломатска служба - СМДС, Левичарското движење „Солидарност“, Движењето за социјална правда – „Ленка“, Конфедерација на синдикалните организации на Македонија - КСОМ, Синдикатот на културата на Република Македонија - СКРМ, Мултиетничкиот синдикат на образование - МЕСО, Младинската организација – „Мугри“ и Независниот академски синдикат – НАКС.

Грин ЦИВИЛ

 

Please follow and like us: