Директор на јавно претпријатие во Прилеп „заработи“ кривична пријава од активист на Шарената револуција

Граѓанскиот активист на Шарената револуција од Прилеп, адвокатот Жарко Стеваноски до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против директор на јавно претпријатие во градот. Стеваноски го товари директорот дека сторил три кривични дела: злоупотреба на службена должност и овластување, фалсификување на службена исправа и повреда на рамноправноста на граѓаните, зашто во мај 2016 година лажно го информирал Советот на Општина Прилеп.

„Надвор од своите статутарни и законски овластувања, доставил писмено изветување, со кое што лажно го информирал Советот на Општина Прилеп, дека штетите предизвикани од протестите на Шарената револуција, по јавното претпријатие, одделението за паркинзи изнесуваат 12.000 денари дневно. А, подоцна во постапка за обезбедување докази пред Основен суд Прилеп се утврди дека вкупните штети за сите денови додека се одржувале протестите во форма на изгубена добивка на ова јавно претпријатие изнесуваат 4900 денари“, изјави Стеваноски за ЦИВИЛ Медиа.

Тој додава дека оваа информација подоцна е пласирана од локалните власти преку локалните медиуми, а нему и на учесниците од Шарената револуција конкретно им е ограничено правото да го демантираат „лажниот податок“.

Директорот на ЈП за ПУП,Нешкоски во изјава за ЦИВИЛ Медиа вели дека Стеваноски по сите активности во Шарената револуција, нема кредибилитет да поднесува некому кривични пријави.

„Како директор на јавно претпријатие јас и законски сум одговорен пред Советот, бидејќи Општината е основач на јавното претпријатие, според тоа не гледам каде има прекршување на регулативите. Друго, при презентирање на висината на штетите, не лоцирам дека се предизвикани од протестите на Шарената револуција, туку воопшто од протестите коишто се одржуваа во тој период. И тогаш и денес стојам на ставот дека протести не треба да се одржуваат по улиците и да го блокираат сообраќајот и доведуваат во опасност здравјето на граѓаните. Незадоволните граѓани може слободно да протестираат на плоштадите“, изјави Нешкоски.

Од Основното јавно обвинителство пак потврдија дека кривичната пријава е примена, архивирана и дека се преземаат мерки за проверка на наводите.

Стеваноски е истакнат активист на Шарената револуција. Против него, прилепската полиција поднесе неколку прекршочни пријави по ист основ, за неколку дена протести. Две финишираа со ослободителна судска пресуда.

Моника Талеска

Please follow and like us: