Град Скопје: Секое чудо за... два дена!

Утре се укинува бесплатното користење на градскиот превоз, новина што градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски им го понуди на своите сограѓани како опција за спас од труењето од енормно загадениот воздух. По 10 дневна алармантна состојба која сериозно го загрозува здравјето на граѓан(к)ите, дождот и ветрот ѝ помогнаа на градската власт, чиј челник два дена, следен од камери, се возеше до работа со автобусите на ЈСП.... И толку.

Локална власт - Град Скопје, и по укинувањето на популистичкиот блеф, топката ја префрлува на надлежните државни институции и ноншалантно денеска не соопшти податоци - дали нејзиниот проѕирен спин, низ „мерката за заштита“ со бесплатните автобуси, придонел за намалување на аерозагадувањето. И соопшти:

„Во согласност со податоците од Министерството за животна средина и просторно планирање, коешто е надлежно за следење на квалитетот на воздухот, среднодневните концентрации на ПМ10 се под дефинираниот праг и епизодата од десет последователни дена е прекината. Градот Скопје ќе продолжи со интензивна контрола на градилиштата, миење на градските улици и булевари и интензивниот инспекциски надзор над инсталациите што се во наша надлежност“.

Партијата ДОМ испрати соопштение дека не треба јавноста да се залажува со еден чист ден по врнежите од дожд, зашто причините за загаденост не се отстранети и барајќи да не се прекине со бесплатниот јавен превоз, алармира дека Скопје, наскоро повторно ќе биде во „црвената зона“ на аерозагаденоста.

„Како комплементарна мерка на бесплатниот автобуски превоз во Скопје, градоначалникот треба да донесе и забрана за движење на возила под ЕУ4 стандард, кои се најголемите загадувачи во транспортот, за време на голема загаденост. Со нивно отстранување од сообраќај, осетно ќе се намали бројот на опасните ПМ10 честички, а нивните корисници ќе можат да се возат бесплатно со јавен превоз“, смета ДОМ.

Партијата бара меѓуресорно тело, со претставници од неколку клучни министерства и од локалната самоуправа да донесе пакет итни мерки и бара од Владата во целост да ги исполни своите обврски за обезбедување здрава животна средина, зашто, кога се работи за здравјето на граѓаните, обврските мора да ги исполнуваат и техничка влада и влада со целосен мандат.