Прилепските бранители заборавени од власта!

Перо Ташкоски почина од тешка болест, Крсте Богески живее без струја и без храна, десетици други заминаа низ годините од преживеаниот стрес и поради стравотните социјални проблеми, со кои не можеа да се изборат... Oвие бранители, членови на Здружението на резервни воени обврзници (ЗРВО), учесници во настаните од 2001 и 2002 година, денес се дискримиинирани од политички причини и затоа што не се блиски до власта, го плаќаат цехот со безработица, болести и смрт.

Перо Ташкоски, починат бранител

Прилепскиот бранител Перо Ташкоски, член на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година, почина во тешка сиромаштија, не можејќи да се избори со злокобната болест. Неговото доскоро тричлено семејство опстануваше со минималната пензија на неговата сопруга, којашто беше прогласена за технолошки вишок. А, тој со 54 години, и со само три ипол години работен стаж, стекнат во „Лозар“ - Кавадарци и во Кикинда, не успеа да најде работа.

Крсте Богески, бранител

Неговиот другар, бранителот Крсте Богески на свои 58 години остана без работа, без егзистенција, без иднина. И тој е прогласен за технолошки вишок, од фирмата во која работел 20 години како продавач, пријавен со скратено работно време. Па, и тие околу 5.000 денари со кои едвај врзувал крај со крај, сега не може да ги добие.

„Барам помош, барам решение за мојот живот. Исклучена ми е струјата, не можам да ги платам сметките за вода. Немам пари за храна. Ако не се моите пријатели во Здружението на бранителите во Прилеп, нема да преживеам. Се обратив до институциите, но што, фајде нема, никој не сака да ми помогне. Не знам како ќе живеам натаму“, вели Богески.

И не само овие луѓе, многу членови на Здружението на резервни воени обврзници, учесници во настаните од 2001 и 2002 година, токму затоа што не се блиски до власта, не можат да најдат работа. Оставени се сами на себе, без помош. Често и просториите во кои се среќаваат, во бизнис-центарот во Прилеп, остануваат без струја, зашто никој не им помага.

„А, баравме со години, работа, поволности за лекување, баравме можност за решавање на станбеното прашање на нашите членови. Баравме и други бенефиции, зашто тогаш кога ѝ бевме најпотребни на државата, бевме во првите редови, на браникот на слободата, бранејќи го интегритетот и суверенитот на оваа наша земја - Мајка“, вели Рубин Секулоски, претседател на Здружението.

Денес, ова Здружение брои околу 1.200 членови и ретко кој од нив, може да се пофали дека живее без социјални проблеми. Секоја година, велат, се соочуваат со најтрагични вести: некој нивен соборец, маките ги плаќа со својот живот, неможејќи да се избори со стресот.

„Не оти се надевам дека некој ќе ни помогне во овие услови, но јавноста треба да знае, дека оваа држава ги остави без целосна грижа прилепските бранители, само затоа што не се блиски до власта“, вели Секулоски.

Моника Талеска

Please follow and like us: