Ружин: Излезот е во владеењето на правото, каде сите се еднакви пред законот!

Универзитетскиот професор д-р Нано Ружин, низ толкувањето на синдромот „хјубрис“ ја постави паралелата со актуелните состојби во Македонија, со владеењето на Никола Груевски. Повикувајќи се на примери од светската историја и анализи на филозофи од античкиот период до денес, тој даде одговор на прашањето, како да се дојде до решение во актуелната состојба на стеснување на просторот за дејствување на актерите на граѓанското општество, што како глобален феномен, не ја одминува ни Македонија, како дел од кревката структура на Западен Балкан.

„Во 16-тиот век, во своите писма за условите на големците, францускиот филозоф Блез Паскал, смета дека е исклучиво полесно да се едуцираат идните носители на власта. Во денешни услови не постојат династии, тоа  е уште позначајно, бидејќи владејачката позиција не се наследува, туку до неа се доаѓа некогаш и случајно. Не се занесувајте дека сте вие нешто позначајно од останатите луѓе, бидејќи сте и вие обични смртници. Денес се појавија и некои трудови кои се обидоа да докажат дека е на повидок еден нов медицински феномен, една нова заразна болест, од страна на еден чуден, патоген вирус, наречен 'власт', кој ги третира властодршците да покажуваат врста на патолошки нарцизам, тоа е синдромот на 'хјубрис'“, рече д-р Ружин, еден од панелистите во дискусијата „Стеснување на просторот за граѓанско дејствување“, што се одржа денеска во организација на фондацијата „Хајнрих Бел“ - Канцеларија во Сараево и ЦИВИЛ-Центар за слобода.

„Авторот Дејвид Овен во 2008 година ја објави книгата 'Болеста и владеењето', каде ја истражува болеста за време на донесување одлуки на шефови на држави или влади во последните 100 години. Концептот 'хјубрис' е инспириран од античката филозофија, но и во грчките трагедии како и алегоријата за претераноста. Односно, кога се сака да се приграби повеќе, отколку што судбината ви дозволува, кога славата на некој херој, политичар му удира во глава, а тој самиот се смета за ранг на божество. Кога кон ова ќе ја додадете нашата популистичка авторитарна рамка, взаемната каузалност меѓу организираниот криминал и корупција, кога пијанството од власта создава политичка заслепеност, нетолерантност кон оние што размислуваат поинаку, разбирливо е криминалот да не се доживува како кривично дело, туку како метод на рационално владеење и функционирање на неговиот систем. Бидејќи смета дека како и Цезар во историјата и тој има право да располага со народните пари и да ги сфаќа како приватно богаство. Нашиот драг лидер, ги расфрлаше народните пари, ги таложеше со својата клика низ разни оф шор компании од Кипар и Белизе, до Сејшели и Кајмански острови. Но, и покрај евидентните докази, Јавниот обвинител молчи, а СЈО не е моќен. Се прашувате, како е тоа можно или како што пишува Шекспир, кои чудни времиња - кога лудаците ги водат слепците“, поентираше д-р Ружин.

„Можеби виновникот е хибридноста на режимот, кога постојат институции, но тие не функционираат на демократска, туку на авторитарна основа. Кон ова можеме да додадеме дека авторитарниот популист користи две методи. Една е создавање на сопствен култ, со емоции на воодушевување меѓу масите, кои од време навреме ги наградува, но истовремено, ги контролира, спинува, чита и создава клиентелистички однос. А, вториот метод е репресија, односно заплашување за можна одмазда, доколку дејствуваат поинаку, што исто така се сведува на клиентелизам. Наместо заклучок ќе го цитирам Херодот. 'Небото секогаш ќе го смалува оној што претерува, водач или херој, на кого славата му удрила во глава и кога се однесува како ново божество. Тоа е всушност - злосторство. Или, поточно кажано, излезот е во владеењето на правото, каде што сите се еднакви пред законот!“, заклучи Ружин.

Please follow and like us: