Се радикализираат протестите на вработените во МПМ

Продолжува штрајкот на новинарите од „Утрински весник“, „Вест“ и „Дневник“. Поради ингнорантскиот однос на менаџментот на „Медиа Принт Македонија“, од денеска штрајкот ќе се радикализира со продолжување на времетрањето на протестот од 4 на 6 часа. 

„Утре, 21 февруари, 2017 година ќе излезе 5.000 број на дневниот весник „Вест". Жално е што редакцијата ќе го подготвува ова јубилејно издание од позиција на штрајк“, велат од Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија (СССНМ) во денешното соопштение.

Од Синдикатот велат дека деновиве наместо желба за разговор и решавање на проблемите, се засилувааат притисоците врз медиумските работници со телефонски јавувања и закани со отпуштања и казнувања.

„За сето ова ќе бидат информирани сите релевантни меѓународни институции, затоа што правото на штрајк е уставно гарантирано право и е дел од цивилизациските придобивки на демократскиот свет“, се вели во соопштението на ССНМ.

И Здружението на новинари на Македонија изрази поддршка за колегите од МПМ и побара од менаџментот на компанијата да ги исполни барањата на Штрајкувачкиот одбор за исплата на заостанатите плати и хонорари.

Компанијата „Орка Холдинг“ во петокот соопшти дека бизнисменот Јордан Камчев го продал својот дел од сопственоста над „Медиа Принт Македонија“ и сега, според медиумите, единствен сопственик останува Срѓан Керим.

Додека трае штрајкот на медиумските работници од МПМ, Специјалното јавно обвинителство го истражува финансиското работење на фирмата, но оттаму не соопштуваат повеќе детали, бидејќи, како што велат, се работи за предистражна постапка.

 

Please follow and like us: