Трет ден штрајк на вработените во „Македонски железници“

Вработените во „Македонски железници – Транспорт“ и „МЖ – Инфраструктура“, трет ден, денеска штрајкуваат, поради задоцнетите исплати на месечните примања.  Вработените ги бараат заостанатите плати за декември и јануари.

Железничкиот сообраќај во Македонија е целосно блокиран, не сообраќаат ниту патничките, ниту товарните возови, а граѓаните се затечени и приморани да се снаоѓаат сами.

Од „Македонски Железници Транспорт“ АД Скопје велат дека со огромните проблеми со кои се соочил целокупниот железнички систем во изминатата 2016 година - поради блокадите на железничката пруга во Грција, фирмата претрпела загуба од 5 милиони евра. А со вратените долгови од 15 милиони евра и исплатените заостанати 5 плати, на почетокот од оваа година, МЖ Транспорт се соочува со огромни финансиски предизвици.

Наспроти финансиските проблеми со кои се соочува македонската железница, на почетокот од месецов, во Македонија пристигна последниот од шестте нови кинески возови, со што се заокружи набавката на кинеските „ЦСР“ за обнова на возниот парк, чија вредност достигна 25 милиони евра!

Покрај оваа инвестиција, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, најави и други постапки за обновување на целиот возен парк, поточно за нови локомотиви вредни 8,7 милиони евра. Тој за медиумите изјави дека се оставени дополнителни 360 милиони денари за директно помагање на железницата во однос на платите и сите останати трошоци.

Се очекува преговорите со раководството на „Македонски железници“ околу исплатата на заостаните декемвриски и јануарски плати да започнат денеска. Во меѓувреме, граѓаните кои секојдневно патуваат, се оставени сами на себе. Граѓаните кои користат месечен билет мора да издвојат и дополнители сретства за превоз со автобус, автомобил или такси.

Студентите, исто така, мора да се снаоѓаат како знаат и умеат. Деновиве, нема да важи ниту слободниот превоз, кој и онака, не ги задоволува нивните потреби.