Дијабетичарите бараат повеќе пари и поквалитетен инсулин!

Сојузот на здруженија на дијабетичари на Република Македонија ќе достави барање до Националната комисија за дијабетес, до Министерството за здравство и до Владата, по информацијата дека годинава за милион евра се редуцира фондот за лекување на оваа болест. Од Сојузот се крајно изненадени, зашто велат дека бројот на граѓани со дијабетес постојано расте, според тоа, не само што не треба да се редуцираат средствата од 620 на 558 милиони денари, како што одлучи Владата во заминување на седницата одржана на 28 март, туку треба да зголемат.

„Новите иновативни инсулини се со подолготрајно дејство, значат олеснување за дијабетичарите, односно, има помал број боцкања и овозможуваат стабилно ниво на шеќер во крвта. Овие се нашите заложби како Здружение и дел од нашата Програма за работа. Користењето на подзастарени терапии создава несакани компликации кај граѓаните, што долгорочно гледано ја оптоваруваат државната каса, зашто пациентите треба да ги решаваат со интервенции што ќе значат дополнителни трошоци за државата и за Министерството за здравство. Затоа, недозволиво е какво било редуцирање на овој фонд, на Програмата за лекување на дијабетичари. Туку, треба да се работи на нејзино проширување. Факт е дека Македонија од овој аспект, заостанува во поглед на околните балкански држави“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Бојан Киров, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија,најавувајќи дека по Велигденските празници, барањето и официјално ќе биде испратено до надлежните во државата.

Од скопското Здружение за заштита и едукација на дијабетичари „Був“, реагираат затоа што и за оваа и за сите други Владини одлуки кои се однесуваат на заболените со дијабет пред тоа, никој надлежен во државата не ги контактирал граѓаните, здруженијата од ниту еден град во државата.

„Никој не нѐ консултира, а се одлучува во наше име! Недозволиво е да се редуцира фондот за набавка на инсулинска терапија и воопшто реквизитите што се потребни за лекување и квалитетен третман на граѓаните кои живеат со дијабетес. Ако во аптеките не успеат до половина од месецот да набават инсулин, тешко дека ќе го најдат по 15-ти во месецот. Мерачите на гликемијата во крвта, исто така, не се квалитетни. Едноставно, недостасува терапија којашто ќе понуди подобар квалитет на животот на дијабетичарот, а не и така скромниот фонд да се намалува. Од друга страна, треба да се има предвид и фактот дека оваа болест е во постојан пораст, не само според македонските, туку и според светските параметри“, вели Бобан Несторовски, претседател на скопското здружение „Був“.

Во Македонија со дијабетес живеат од 180.000 до 200.000 граѓани. Од нив преку 40.000 се корисници на редовна инсулинска терапија.

Моника Талеска