Граѓанска повелба: Глобална рамка за учество на граѓаните

Ние, граѓаните, имаме право да учествуваме во обликувањето на нашите општества

Човековите права и фундаменталните слободи сè повеќе се кршат во целиот свет. Во голем број земји, луѓето и нивните организации се соочуваат со сериозни ограничувања и се лишени од правото да учествуваат во обликувањето на своите општества. Активистите се загрозени, прогонувани, затворени, мачени и убиени. Организации на граѓанското општество се стигматизирани, на пример, како странски агенти или екстремисти, тие се попречени во својата работа, лишени од финансирање, забрането им е да работат и се растураат. Можностите за учество на граѓаните во јавниот живот се ограничени или затворени.

Сепак, сè додека граѓанките и граѓаните вистински не учествуваат, светот нема да биде во можност да ги надмине своите најопасни предизвици, вклучувајќи ја континуираната сиромаштија, насилниот екстремизам, растечката нееднаквост и климатските промени.

Поединечното и колективното учество на граѓаните ѝ носи живот и ѝ дава значење на демократијата. Тоа е од суштинско значење во заштитата на човековите права, во постигнувањето на развојот и градењето толерантни и мирољубиви општества. Со тоа се обезбудува оние што имаат јавни функции или други позиции на моќ, да одговараат за своите постапки и да работат за општото добро.

Ние го одбиваме секој обид да се спречат граѓаните да учествуваат во обликувањето на нивните заедници, нивните земји и на нашата заедничка планета.

Граѓанската повелба обезбедува рамка за учество на граѓаните

Граѓанската повелба е втемелена во човештвото, заедничко за сите, и ги одразува универзално прифатените човекови права, слободи и начела. Таа обезбедува рамка за учество на граѓаните што ги идентификува нивните права во рамките на постојното меѓународно право и договори.

Императив е сите влади, сите нивоа на јавната администрација, меѓународните институции, бизнисот и организациите на граѓанското општество во светот целосно да ги почитуваат и да ги спроведуваат одредбите од оваа Повелба.

Ние, граѓаните, имаме право на овие права, кои мора да се почитуваат, да се заштитат, да се промовираат и целосно да се спроведат секаде и без каква било дискриминација:

  1. Слобода на изразување: Секој има право да ги споделува, да ги дискутира и да ги промовира своите ставови и идеи, да ги поддржи идеите на другите или да изрази несогласување.
  2. Слобода на информации: Секој има лесен и навремен пристап до сите јавни информации.
  3. Слобода на собирање: Секој има право на мирно собирање со други лица за извршување на заеднички цели и аспирации.
  4. Слобода на здружување: Секој има право да формира, да се придружи или да поддржи организации за унапредување на заеднички цели по мирен пат.

 За да можат сите граѓани да ги уживаат овие права, мора да се гарантира следново:

  1. Ефективно учество: Граѓаните и нивните организации можат вистински да учествуваат и да влијаат врз јавните политики и процесот на донесување одлуки на локално, национално и глобално ниво.
  2. Финансиска поддршка: Граѓаните и нивните организации имаат право да побараат или да обезбедат финансиска поддршка од својата или од други земји.
  3. Можности за соработка: Граѓаните и нивните организации се слободни да се ангажираат во домашниот и меѓународниот дијалог и соработка.

 Ваквите права се легитимни сѐ додека не ги попречуваат правата на другите или не поттикнуваат омраза, дискриминација, непријателство или насилство.

Со цел да се обезбеди дека соработката меѓу граѓаните, нивните влади и јавните институции носат максимална корист за сите нас, мора да се почитуваат следниве начела:

  1. Должност да заштити: Секоја влада им обезбедува на граѓаните и на нивните организации право да се ангажираат без прогон, мачење или закани за нивниот живот и да не бидат предмет на колективна казна поради тоа што ги бараат своите фундаментални слободи.
  2. Средина што овозможува: Секоја влада усвојува законски, административни и други мерки за почитување, заштита, промовирање и исполнување на правата и слободите наведени во оваа Повелба и истражува напади врз поединци и организации со цел осомничените сторители да одговараат во согласност со меѓународните стандарди за правичност.
  3. Јавна одговорност: Владата, бизнисот и граѓанското општество одговараат пред јавноста.

 Нашата поединечна и колективна одговорност

Граѓанките и граѓаните и нивните организации се залагаат за правда и достоинство во целиот свет. Нивната вклученост ни дава можност колективно да ги надминеме нашите предизвици.

Без разлика дали сме вклучени во владата, бизнисот или во организации на граѓанското општество, наша колективна одговорност е да обезбедиме и да придонесеме кон мирна, праведна и оддржлива иднина за сите нас.

КАКО ПОТПИСНИЦИ

  • Бараме сите влади и нивните институции да ги почитуваат, да ги заштитат, да ги поттикнат и целосно да ги спроведат сите меѓународни конвенции и договори со кои се утврдуваат правата на граѓанките и граѓаните да партиципираат, и ги повикуваме бизнисот, организациите на граѓанското општество, меѓународните институции и другите фактори да дејствуваат во согласност со овие конвенции;
  • Ние се обврзуваме дека ќе ги браниме и ќе ги обезбедиме правата на луѓето на партиципација како што е утврдено во оваа Повелба
  • Ние сме солидарни со сите луѓе чии права за партиципација во обликувањето на нивните општества се загрозени.

This post is also available in: Albanian