Јовановиќ: Македонија е европски рекордер во сиромаштија!

ЦИВИЛ Медиа разговараше со Бранимир Јовановиќ, професор на Институтот за општествени и хуманитарни науки, по неговиот Фејсбук коментар за рекламата за кредитирање на граѓаните од „Форца“: „ Дружба си е дружба, 'Форца' си е лихва. Одобрена од Министерството за финансии“, а во контекст на егзистенцијалната неминовност на дел од граѓанките и граѓаните, и од ваков финансиски ризик. Со Јовановиќ разговаравме и за социјалната правда и за состојбата на работничките права во Македонија.

„Македонија има голема социјална неправда затоа што имаме рекордна сиромаштија во Европа. Околу 9% од луѓето што живеат во Македонија, живеат со околу 60 денари на ден. Тоа е доволно само за леб и млеко“, ни изјави Јовановиќ, дефинирајќи ја социјалната правда во Македонија, во споредба со земјите во регионот.

Коментирајќи го својот Фејсбук статус за рекламата за кусорочни кредити, Јовановиќ го постави прашањето за потребата од постоење на финансиски друштва, кои голем дел од граѓаните во Македонија ги доведуваат во ситуација на должничко ропство.

„Сиромаштијата кај нас е толку сериозна, она што велиме - 'ножот е дојден до коска' и затоа луѓето се приморани да користат вакви лихварски услуги. 'Форца' и останатите се на некој начин продукт на таа социјална неправда“, ни рече Јовановиќ.

Јовановиќ зборува и за заштита на рабтничките права и за разликите меѓу странските и домашните инвеститори кога станува збор за спроведување на законските мерки за работа.

„Може да се каже дека состојбата во текстилните фабрики е многу полоша, отколку во странските инвестиции. На пример, некоја работничка, затоа што шефот не бил задоволен од неа, ја заклучил во некоја просторија и не ја пуштал да излезе?! Тоа е класична и незамислива тортура во денешно време“, ни изјави Јовановиќ, наведувајќи низа примери за прекршувањето на работничките права во Македонија.

За крај, вината за ваквиот степен на сиромаштија, за легалното „лихварство“ и за грубото кршење на правата на работниците, Јовановиќ ја гледа, пред сѐ, во надлежните институции преку спроведување на законските рамки во делот на финансиите и на трудовите и социјални политики.

Новинар: Биљана Јордановска

Камера: Дехран Муратов

 

Интервјуто е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Цел на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за „Граѓанската повелба, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.