Катанец и за „Утрински весник“, македонското новинарство тоне уште подлабоко!

Веста дека во сабота по 18 години, ќе прекине издавањето на дневниот „Утрински весник“, некогашниот угледен медиум во којшто читателите можеа да најдат објективни информации, балансирани прилози, аналитички теми, сè до доаѓањето на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, е уште еден пораз за македонското новинарство коешто пропадна во провалија.

„Најавеното затворање на 'Утрински весник' е уште еден доказ, зошто Македонија е на дното на Балканот по медиумски слободи и зошто се неопходни демократски промени и конечна заштита на слободата и професионалното работење на новинарите и медиумите. Неспособноста на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да се соочат со своите слабости и неприфаќањето на ниту една конструктивна критика, резултираше со невидени притисоци кон медиумите, новинарите и сопствениците. Заканите, тужбите, апсењата, затворањата и насилната реторика кон одредени новинари и цели медиуми од страна на власта во заминување, ја турна Македонија на дното на Европа по медиумски слободи. Затоа, Македонија и во последниот извештај на 'Репортери без граници' е рангирана како последна на Балканот! Затворањето на 'Утрински весник' дополнително ќе го намали рекордно нискиот рејтинг на Македонија по слобода на медиумите. Ударите врз професионалното новинарство и притисоците врз нив, мора да завршат! Повеќе никој да не помисли, како оваа режимска власт во заминување, да врши каков било притисок кон кој било медиум, новинар или сопственик на медиум. Демократските процеси мора да продолжат. Тие гарантираат слобода на медиумите и заштита на новинарите од какви било закани“, напиша на својот Фејбук профил, Љубиша Станковиќ, претседателот на синдикалната организација на „Утрински весник“.

Новинарите на овој весник долго време се бореа против притисоци за смена на уредувачката политика, постапно фрчеа отказни решенија, ги добиваа храбрите новинари од скопската редакција, па дописниците, за на крај, кругот да се затвори, и сопствениците на МПМ, Срѓан Керим и Александар Динев, да ги доведат работите до затворање.

Паралелно во новоформираното претпријатие Медиа Принт ДООЕЛ, регистрирано на домашна адреса на Динев, тече оглас за прием на преку 50 новинари, за којшто постојат сомнежи дека ќе бидат избирани само како партиски подобни кадри.

Крахот на „Утрински весник“, пропаста на поранешните 11 локални јавни радиостаници и телевизии, кога замре локалното новинарство, медиумските политики за целосно извитоперување на вистината и креирање јавно мислење коешто е само во интерес на владејачката коалиција, која сè уште не ја напушта власта, (власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, иако ДУИ со СДСМ и Беса и Алијанса за Албанците создаде ново парламентарно мнозинство) само одат во прилог на заклучоците и анализите од најновиот извештај на „Репортери без граници“ за (не)слободата на медиумите во Македонија.

Македонија е на 111 место, закотвена на европското дно, а експертите очекуваат влошување. Извештајот за Македонија е со наслов „Лошото момче на Балканот“!

„Навредата беше извадена од Кривичниот закон во 2012, но обвиненијата беа заменети со граѓански акции со можност за високи казни и затвор за репортерите и сопствениците на медиуми. Имаше многу извештаи за закани, насилство, напади и заплашување на новинарите за време на политичките демонстрации во 2016, но само малкумина од одговорните беа обвинети. Политичката нестабилност влијае врз работата на новинарите, а притисокот од владејачката партија наведе некои медиуми на самоцензура“, се наведува во кусиот коментар.

Зад Македонија годинава се само Русија, Белорусија и Турција.

Истите земји и од „Фридом Хаус“ беа оценети како „неслободни“ во ланскиот извештај. Друштво на Македонија на табелата и прават Парагвај, Уганда, Централно-африканската република, Замбија и Конго. Две места пред Македонија е Бугарија, којашто забележала пад од три места, а на 106 место е Црна Гора.

Моника Талеска