Точи: Неопходна е инклузија на Ромите во креирањето на политиките за нив!

ЦИВИЛ Медиа во Гостивар разговараше со Мухамед Точи, долгогодишен активист на граѓанското општество, лидер на ХДЗР „Месечина“, гостиварска организација која се залага за унапредување на правата на ромската заедница, којашто е стигматизирана и соочена со голем број предизвици и проблеми. Со него разговаравме за клучните проблеми на ромската заедница.

„Ромската етничка заедница е најранливата етничка заедница во Македонија чии основни приоритети ние ги застапуваме, а тие се - образование, вдомување, вработување и здравство“, вели Точи.

За решавање на сите горливи проблеми со кои се соочува, како ромската заедница, така и сите заедници во Гостивар, Точи вели дека најнапред државата треба да застане на нозе и веднаш потоа, како на локално, така и на национално ниво, државата да започне да ги перципира Ромите, нивните потреби и предизвиците со кои се соочуваат.

„Еднаш засекогаш, мора да се разбере дека решавањето на овие проблеми нема да може да се решат ако Ромите не бидат дел од креирањето и имплементацијата на политиките за Ромите“, вели Точи.

Тој вели дека политиките кои ги спроведуваат министерствата на локално и на национално ниво, најчесто не успеваат само затоа што не се вклучени самите Роми во креирањето на истите. За впечатокот во јавноста дека вклучувањето на ромскиот граѓански сектор е прилично формално, Точи вели дека и тоа може да се промени, единствено ако вистински се вклучат Ромите во процесот на креирање и имплементација на ваквите политики.

 

„Останува волјата на локалната и на националната власт, навистина сериозно да отпочне со имплементација на сопствените политики. Државата треба сама да одбере дали сака да ги реши овие проблеми или проблемите да се влечат и понатаму“, вели Точи.

Петрит Сарачини

Камера: Дехран Муратов

[divide]

Интервјуто е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Цел на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за „Граѓанската повелба, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.

 

Please follow and like us: