Викендов, тимовите на ЦИВИЛ - во Битола, Ресен, Струга и Охрид!

ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со своите активности низ целата земја. Во наредните 48 часа (петок-сабота, 28 и 29 април), тимовите на ЦИВИЛ ќе гостуваат и работат во Битола, Ресен, Охрид и Струга. Ќе се спроведуваат активности во рамките на „Граѓански објектив“ – проект за транспарентни и одговорни политички процеси со кој се мобилизираат граѓански новинари и „Општество без граници“ – проект за афирмација на човековите права, социјалната правда и екологијата и за промоцијана „Граѓанската повелба“

Утре (петок во 12 часот) ЦИВИЛ ќе одржи јавна презентација на проектот „Општество без граници“ во Битола, на плоштадот „Магнолија“. Преку проектот се промовира „Граѓанската повелба“ – глобален документ за унапредување на граѓанските права и за активно учество на граѓаните во процесите на одлучување, со кое се јакне и јавната свест за социјалната правда и екологијата во Македонија и во светот.

На инфо-штандот на ЦИВИЛ ќе се потпишува и изјава за поддршка на „Граѓанската повелба“, како и фото и видео петиција.

Истиот ден, младите од Битола и Прилеп ќе имаат можност да учествуваат на работилницата за граѓанско новинарство, од 16 до 18 часот, во Хотелот Театар.  Работилницата ќе им овозможи на учесниците теоретско запознавање со истражувачкото новинарство, со граѓанскиот активизам, со онлајн активизмот и со предностите на новите технолошки придобивки.

Подоцна, во текот на вечерта, битолската јавност ќе може да го проследи и уличниот настан "Street Media", за презентација на проектот "Граѓански објектив", посветен на граѓанското новинарство, пред Офицерскиот дом, со почеток во 20 часот. На оваа презентација ќе се проектираат прилози од граѓански новинарки и новинари, а присутните ќе може поблиску да се запознаат со активностите на ЦИВИЛ, во овој, и во други проекти. Настанот ќе биде проследен и со диџеј сетови на ЦИВИЛ-ите.

Во Ресен, на 29 април (сабота),  со почеток во 10:30, тимот на ЦИВИЛ ќе разговара со претставници на граѓанското општество за социјалната правда и за екологијата, како дел од активностите во проектот „Општество без граници“.

Во сабота, промоцијата на проектот „Општество без граници“ и на „Граѓанската повелба“, ќе продолжи на Градскиот плоштад во Охрид, со почеток во 12 часот, со инфо штанд, со фото и видео-петиција, како и со потпишување поддршка на „Граѓанската повелба“.

Истиот ден, во 15:30 часот, активностите продолжуваат во центарот на Струга, каде, исто така,  ќе биде поставен инфо-штанд, на кој граѓанките и граѓаните можат да се информираат за Повелбата, да ја поддржат со потпишување или со фото и видео-петиција.

Општество без граници се спроведува во соработка со Фондација „Хајнрих Бел“.

Б. Јордановска

Please follow and like us: