Ајтов: Македонија е пример како една држава не треба да се грижи за својата армија и за безбедноста!

ЦИВИЛ Медиа разговараше со Ристо Ајтов, претседател на Синдикатот за одбрана и безбедност за условите во кои работи Армијата, за загрозувањето на безбедноста на Македонија поради намалувањето на стандардите за војниците и вработените во МО, како и за барањата и заложбите на синдикатот.

„Паричните примања и надоместоци во Министерството за одбрана, вклучувајќи ја и АРМ, се на толку ниско ниво, што можеме да кажеме дека се социјална помош или, во случајот, 'социјална плата'. Вработените се многу ниско платени и со своите примања не се во состојба да го поминат месецот и да обезбедат достоинствен живот за своите семејства. Наместо да ја работат својата работа, тие размислуваат за тоа дали дома ќе донесат доволно средства за пристоен живот“, ни рече Ајтов.

Тој потенцира дека платата за безбедносните структури, од кои зависи опстанокот на секоја држава, во Македонија се граничи со просечната плата. Според него, во буџетот нема ни основни средства за извршување на секојдневните работи, вежби, вистински задачи и за ангажирање на Армијата, и потенцира дека не станува збор за поплави и слично, туку за оружени пресметки каде се користи огнено оружје!

„Минатата година, пред незаконскиот и нестатутарен упад од одредени лица, за жал, помогнати од сегашното раководство на Министерството за одбрана, кои директно и брутално се вмешаа во работата на Синдикатот, ние побаравме покачување на плата од 20%“, потсетува првиот синдикалец на одбраната и безбедноста.

„Ние се обидовме да преговараме, да аргументираме, да правиме паралела со МВР, и секаде наидовме на разбирање... Но, кога требаше да се реши проблемот, министерот креваше раменици... Македонија ќе биде единствена земја, член или аспирант за влез во НАТО, во која ќе се случи штрајк во Армијата, и ние ќе бидеме пример во НАТО-академиите - и Армијата и Македонија, ќе се учат во учебниците за тоа - како не треба една земја да се грижи за својата безбедност и армија“, ги најавува Ајтов следните чекори на сидникатот, доколку не се исполнат барањата на припадниците на АРМ!

 

Марија Теговска

Камера: Дехран Муратов

Монтажа: Маја Ивановска

[divide]

Интервјуто е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Целта на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за Граѓанската повелба, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.

Please follow and like us: