Ќе биде валкано, многу валкано!

Македонија, речиси шест месеци по изборите...

Судството организирано дава отпор против правдата за криминалот на највисоко ниво.

Претседателската функција е узурпирана и теледиригирана од структурите против кои се водат процеси за тежок криминал, корупција, насилство и изборна кражба. Таа функција во целост го блокира постизборниот политички процес.

Техничката влада продолжува со подигање вртоглави суми од кредити. ТодорОФФ потпишува тендер тежок 70 милиони евра за клинички центар. Без опремата.

Од изборите наваму, една третина од новороденчињата починале, според црните статистики.

МВРО има снимки од сите насилници на Црниот четврток, но голем дел од нив се на слобода, а сите наредбодавци се нечепнати. Националистичките тапоглавци од сите бои ревносно се обидуваат да ја уништат етничката кохезија која е реакција на владеењето со терор и манипулација. И делумно им успева.

Медиумите продолжуваат со својот валкан фашо-мафијашки агитпроп.

Црните хроники се полни со насилство, криминал и трагедии. Нерешени се случаите во кои телохранители и функционери предизвикале сообраќајни несреќи.

За половина час на тераса во кафуле доаѓаат најмалку пет просјаци. Голем број луѓе немаат што да јадат.

Македонија не успева да застане на нозе, речиси половина година по изборите нема влада, одвај се конституираше собранието, а кампањата за локалните избори започна. Пустош во економијата, здравството, образованието, безбедноста, културата... Работничките права прегазени, социјалната правда не постои.

За тоа време, беснее кампањата за локалните избори, за кои веројатно се договорија да бидат во октомври. Систематски се уништува секоја демократска придобивка во изминатите две години.

Се отвораат работни места, се прават списоци, се корумпира гласачкото тело.

Ако парламентарните избори ни се валкани до немајкаде, локалните избори ќе бидат далеку повалкани, тоа на сите им е јасно. Сите сакаат да бидат локални газди, тоа е „порентабилно“ дури и од многу министерски позиции. За грст локални тендери, работни места и паланечки криминал, ќе се игра етнички и валкано, многу валкано.