Коциќ: Граѓаните не веруваат во тврдењата на Министерството!

Како дел од промоцијата на проектот „Општество без граници“ во Велес, ЦИВИЛ Медиа разговараше и со претседателот на граѓанската организација „Вила Зора“, Ненад Коциќ. Тој ни одговараше на прашањата за предизвиците со кои се соочува велешкиот регион во областа на социјалната правда и на екологијата.

Сиромаштијата, невработеноста и ниските примања се најголемите проблеми со кои се соочуваат велешани, смета Коциќ. „Нашите намери како организација се да изнајдеме начин како преку решавање на еколошките проблеми да се намали проблемот со невработеноста. Карактеристичен пример за тоа е собирањето на пластични шишиња“, вели Коциќ, претставувајќи еден од начините на кои може да се поврзе екологијата и социјалната правда.

Резултатот од тоа се многу семејства кои живеат од оваа активност и ниту едно пластично шише по улиците во Велес.

„Како резултат на 30-годишната работа на Топилницата, денес голем проблем е загаденоста на почвата, која е загадена од тешки метали. На тој начин се загадува и зелената храна која ја произведуваме, а која не се користи само во Велес“, појаснува Коциќ кој апелира државата да изврши деконтаминација на почвата, од што сите ќе имаат бенефит.

„Пред неколку години предложивме измени во Законот за животна средина и побаравме сите објекти од тешка индустрија да бидат градени на најмалку 5 километри од населените места. Ова е еден од начините на кои може населението да се заштити од опасната индустрија, со физичко дистанцирање“, ни одговори на Коциќ на прашањето - дали на сметка на нови работни места треба да се жртвува животната средина или постојат начини да се заштитат двете сфери?

„Во момент кога Министерството за животна средина гарантира дека рудникот во Гевгелија е безбеден, резултатот на референдумот покажува дека граѓаните не му веруваат на Министерството кое постои да ја заштити животната средина. Проблемот е во институцијата во која граѓаните не веруваат! Истото се случи и во Велес, и кај нас гарантираа дека ако се рестартира Топилницата ќе биде под надзор, но ние поради дотогашното искуство и борбата со институциите повеќе од 20 години, не го дозволивме тоа“, смета активистот Ненад Коциќ.

 

Марија Теговска

Камера: Дехран Муратов

Монтажа: Ермин Климента

[divide]

Интервјуто е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Целта на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за „Граѓанската повелба, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување.

Please follow and like us: