Новата влада да создаде амбиент за стабилен и долгорочен економски развој!

Македонската економија во првиот квартал од годинава можно е да евидентира пад, наместо економски раст. Но, економските показатели не се најбитни во моментов, сметаат експертите, туку правецот во којшто ќе се насочи вниманието, фокусот на економските политики на новата влада. Што ќе рече, многу позначајно е да се создаде амбиент за да почне да функционира економијата во иднина, отколку во следните месеци да се достигнат прогнозите на ММФ за економски раст од 3.2 отсто.

Д-р Бранимир Јовановиќ

„Дали економијата ќе ги оствари прогнозите на ММФ, за економски раст од 3.2 отсто, зависи од тоа што ќе се случува во втората половина од годината, односно, дали ќе има трансфер на власта наскоро или ќе се одолговлечат работите. Но, податоците за првите месеци од годината не се многу добри и говорат дека е можно економијата да забележи и пад во првиот квартал. Сепак, не е ни толку важно каков ќе биде растот оваа година. Многу е поважно дали годинава ќе бидат направени промени, што ќе овозможат економијата да почне да функционира во годините што следуваат. За да дојде до тоа, нужно е да се воспостави владеење на правото, но и да се направат промени во економските политики коишто се водат. Мора да се престане со политиките од кои полза имаат пред сѐ богатите и моќните и да почнат да се водат политики насочени кон сиромашните и обесправените“, смета д-р Бранимир Јовановиќ, од Институтот за економски и хуманитарни науки во Скопје.

Продлабочената политичка криза во државата има свои негативни реперкусии и врз економскиот раст, вели за ЦИВИЛ Медиа, д-р Димитар Николоски од Економскиот факултет во Прилеп, осврнувајќи се на конкретните состојби.

Д-р Димитар Николоски

„Треба да се има предвид дека освен градежништвото, во изминатиот период на политички турбуленции, потфрлија главните генератори на растот, како што се финансиските дејности, секторот на информации и комуникации, но и преработувачката индустрија. Иако главниот акцент на привлекувањето странски директни инвестиции во претходниот период беше ставен токму на овие дејности, очигледно е дека отпочнувањето на нов инвестициски циклус е забавено и дополнително одложено“, вели д-р Николоски за ЦИВИЛ Медиа.

Тој додава дека во вакви услови, каде што маневарскиот простор на Владата е значително ограничен, вниманието треба да се насочи кон обезбедување на тековната ликвидност на стопанството и непречено исплаќање на социјалните трансфери, со цел - да се одржи финалната потрошувачка на домаќинствата и да се обезбеди минимум животен стандард на населението.

„Приоритетите за идниот период треба да бидат насочени кон враќање на довербата на инвеститорите, како и обезбедуваење фер третман на домашните и на странските инвеститори. Привлекувањето на странски инвестиции треба да биде мудро, во насока на поголема апсорпција на интелектуален труд и подобра синергија со домашната конјунктура“, посочува д-р Николоски.

Според оценките на д-р Јовановиќ, во Програмата на СДСМ, како релеватна партија во идната нова влада, има генерално добри економски и социјални предлози, како што се воведување гарантиран минимален приход, зголемување на минималната плата и на работничките права, зголемени јавни инвестициии...

„СДСМ, само треба да почне да ги спроведува овие политики! Дефинитивно, има простор за вакви политики, затоа што Македонија, освен што е економија со највисока сиромаштија во Европа, има и исклучително високи социјални разлики. Најбогатите 1% од населението во Македонија, имаат околу 12% од националниот доход, што е трето највисоко ниво во Европа! Учеството на профитите на компаниите во македонскиот национален доход е повеќе од 50%, што е исто така, едно од највисоките во Европа. Затоа, она што треба да се направи е државата да ги земе овие пари, кои сега воопшто не се користат продуктивно, и да ги инвестира во општествено корисни работи, како образование, здравство, социјални политики... Тоа е и нужно и можно“, заклучува д-р Јовановиќ.

Моника Талеска