Проштален договор на Тодоров од 72 милиона евра!

„Она што го ветивме започнува да се реализира. Нашиот збор се исполнува“, напиша на Фејсбук, експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, откако денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за здравство, Никола Тодоров, потпиша договор за изградба на нов Клинички центар „Мајка Тереза“, во вредност од 72 милиони евра! 

Додека во тек се преговори за состав на нова влада, предводена од СДСМ,  во свечената сала на Владата на Република Македонија, денеска беше потпишан договорот со астрономска сума! Во првиот ред на потпишувањето на договорот беше премиер во заминување, Емил Димитриев, но и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Клиничкиот центар ќе го градат „Гранит“ и „Бетон“ и италијанската компанија „Инсо Системи“.

По завршување на церемонијата, Тодоров избегна да одговори на новинарските прашања за својството во кое го потпишал договорот.

„Некои луѓе сакаат нешто да се случи, други посакуваат тоа да се случеше, но оние вистинските, прават тоа навистина да се случи. На овој проект, јас и мојот тим работевме напорно и посветено. За цело време ја имавме полната поддршка од Владата и од премиерот, но овој проект не е само наш проект, ова е национален проект. Проект на државата Република Македонија. Здравјето не препознава политичка, етничка или каква било припадност и затоа најважно е овој проект целосно и навремено да се реализира, со цел што е можно побргу придобивките од новиот Клинички центар да ги имаат граѓаните и државата“, истакна Тодоров при презентацијата на проектот.

Новата зграда на Клиничкиот центар ќе биде со нето површина од 46.987 метри квадратни корисен простор, 6.416 квадратни метри проодни тераси и кровни градини и 531 квадратен метар - хелиодром. Објектот ќе се состои од едно подземно ниво, приземје, девет ката и хелиодром за транспорт на пациентите на десетото ниво.

Клиничкиот центар, веќе пет години е перманенто предизборно ветување за уште едно „остварување“ на ВМРО-ДПМНЕ, но од него засега, постои – само дупка која зјае! Долгоочекуваната изградба на Клинички центар беше првично најавена уште во 2012 година, за во 2014-та да биде ископана дупката.

Дехран Муратов

Please follow and like us: