„Слободен печат“ - мета на напади на српскиот весник „Информер“!

Редакцијата „Слободен печат“ се обрати до новинарските здруженија и меѓународните дипломатски претставништва во Скопје, со повик за поддршка за слободното известување и за уредувачката автономија, со тврдење дека весникот бил „жестоко нападнат од печатеното и дигиталното издание на белградскиот весник ‘Информер’ и од пропагандата на Никола Груевски“.

Денешното соопштение на редакцијата на дневниот весник „Слободен печат“, потпишано од главниот и одговорен уредник Бранко Героски, го пренесуваме во целост:

„Почитувани,

По повод синхронизираните напади врз дневниот весник ‘Слободен печат’ и на издавачот ‘Адриа Медиа Балкан’, кои уследија во вид на синхронзирана акција на белградскиот весник ‘Информер’ и на медиумите под контрола на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ги повикуваме претставниците на новинарските здруженија и на меѓународната заедница, да се огласат со поддршка и заштита, за да им се овозможи непречено и нецензурирано известување на новинарите, на уредниците и на вработените во нашата компанија.

На насловната страница на белградскиот дневен весник ‘Информер’, познат по ширењето национална и верска нетрпеливост и омраза, денеска е објавен текст за наводно спорно финансирање на ‘Слободен печат’. Освен тоа, на насловната страница и во текст објавен во печатеното и во дигиталното издание на весникот, сопственикот на нашата компанија се обвинува дека е предавник, поради слободната уредувачка политика што ја ужива најтиражниот македонски дневен весник ‘Слободен печат’. Истиот текст е преземен од македонските портали ‘Курир’ и ‘Република’, медиуми кои се под директна контрола на Никола Груевски, со цел да се дискредитира нашата компанија и да се изврши притисок врз уредништвото на нашиот независен медиум, врз кој подолго време се врши и сериозен економски притисок.

Денешниот напад очигледно е последица на медиумската оска на релација Белград – Скопје, која има за цел гушење на слободата на медиумите, пласирање лажни вести и измислени ‘сценарија’ .

Во име на редакцијата на ‘Слободен печат’, лично потврдувам дека уредништвото и новинарите на нашиот весник имаат ретка привилегија да известуваат слободно и да ја водат уредувачката политика самостојно, одговорно и со личен интегритет, без никакви притисоци од страна на сопственикот и на менаџментот на компанијата, што е редок пример во нашата земја, а веројатно и во регионот. Редакцијата има намера да продолжи да дејствува слободно, да известува за фактите, да се бори против медиумскиот мрак и да се спротивставува на нападите кои доаѓаат од провладината пропаганда во Македонија и од медиуми од други земји, за што ни е потребна и Вашата морална поддршка и помош“, се вели во повикот на „Слободен печат“ до новинарските здруженија и меѓународните дипломатски претставништва во Скопје.

Please follow and like us: