Богданчан(к)и денеска живеат во знакот на референдумот

Мониторинг тим на ЦИВИЛ – Центар за слобода денеска го следи референдумот во Богданци за стопирање на изградбата на рудникот Казандол. На сите 12 избирачки места, гласањето е започнато на време, без никакви проблеми. На Избирачкиот список се запишани вкупно 6.917 гласачи.

Претседателката на Општинската изборна комисија, Венера Зелева, потврди за ЦИВИЛ Медиа, дека засега гласањето се одвива во надобар ред.

„Излезноста до 10 часот, изнесува 9%. Од 6.917 гласачи, потребно е да излезат некаде над 3,500 за референдумот да биде успешен“, вели Зелева.

Граѓанките и граѓаните на Општина Богданци на референдумот денеска се изјаснуваат по две прашања. Првото е дали да се стопира или не изградбата на рудникот Казандол, а паралелно богданчан(к)и се изјаснуваат и дали ќе дозволат било каква експлоатација на руда во границите на нивната општина.

Јован Џалев, од иницијативата „Спас за Богданци“ вели дека според нивните набљудувачи, на терен до 10 часот, излезноста е околу 11%. Најмала излезност има во Стојаково, околу 4%.

„По референдумот во Гевгелија, луѓето почнаа да се будат. Нашата иницијатива од фејсбук, прерасна во нешто навистина големо. Имаме поддршка од околу 5.000 членови и очекуваме дека ова ќе биде успешен ден за Богданци“, вели Џалев.

Маја Ивановска