Даневски: 12-годишни деца се експлоатирани во преработувачки фирми!

„Ромското население во земјоделството е особено малтретирано, не само од работодавецот, туку и од банда којашто ги шета низ јужна Македонија, во Гевгелија, Богданци, Валандово, Струмица, Дојран... Деца од 12 години работат, лупат кромид, подготвуваат ајвар, а ние го купуваме од маркетите“, обвини Живко Даневски, лидер на АГРО синдикатот на конференцијата „Општество без граници“ што во организација на ЦИВИЛ-Центар за слобода се одржа во вторникот во хотелот „Сити парк“ во Скопје.

Според Даневски, тоа се случува во 34 фирми, коишто преработуваат зеленчук, овошје и градинарски производи. Тој ја повика Инспекцијата за труд да ги пронајде овие деца во дворовите на фирмите каде што, како што рече „цела фамилија Роми, заедно со таткото и мајката, лупат кромид и пиперки за да јадеме ние потоа“.

„Се отвора и прашањето за сезонските работници во земјоделството, градежништвото, угостителството и туризмот... Тие работници не се заштитени. Во Програмата на сегашната Владина гарнитура има некои нотирани точки, за коишто во иднина сакаме да разговараме. А, ќе бараме да се почитува и член 32 од Уставот. Работникот има право на работа и социјална сигурност, договор за вработување и Колективен договор. Само така, работниците може да се заштитат и да седнат да преговараат со работодавецот“, порача Даневски.

„Прво, од петтодневната работна недела, преминавме на 24/7, како што работеше досегашната Влада. Второ, во 2008, министерот за финансии, за јавниот сектор стави храна и превоз, а работниците од стопанството ги остави на ледина. Тогаш, работниците земаа за храна и превоз околу 5.500 денари, а сега, ако се одземе од нивната плата, од 10.080 денари, оваа сума, може да се види за колку пари работат овие работници. Според законот, инспекторот е должен да побара договор за вработување и Колективен договор кај работодавецот, дури потоа, да ги бара сите други елементи. Нема евиденција на прекувремените часови работа“, рече Даневски.

 

Камера: Дехран Муратов и Атанас Петровски

Монтажа: Ермин Климента

[divide]

Изјавата/излагањето на конференцијата е дел од проектот „Општество без граници“, што ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува со поддршка од германската Фондација „Хајнрих Бел“. Целта на проектот е промовирање и едукација на граѓанките и граѓаните на Македонија за Граѓанската повелба, глобален документ за унапредување на граѓанските права и на активното учество на граѓаните во процесите на одлучување