Кичево бара трајно решение за складирање на отпадот!

Локалните власти на Општина Кичево бараат трајно решение за складирање на градскиот отпад, со изградба на регионална депонија што согласно со сите европски, еколошки стандарди, би го рециклирала најголем дел од сметот од општините во југозападниот дел на Македонија. Ова е одговорот на градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари, по реакциите на граѓански новинар од Кичево, којшто неодамна реагираше до ЦИВИЛ Медиа, посочувајќи на овој проблем и на опасноста од потенцијални инфекции, иако веќе две години, со одлука на Општина Кичево, градскиот отпад се депонира во коп на РЕК „Осломеј“, на оддалеченост од неколку километри од градот.

„Општина Кичево работи на оваа проблематика веќе четири години, заедно со Југозападниот регион и со Министерството за животна средина. Имаме иницијатива со градоначалникот на Струга и со другите градоначалници во регионот, заедно да го решиме проблемот. Но, очекуваме одговор од Министерството за животна средина и просторно планирање. Имаме подготвено физибилити студија за регионот, потенцијални се три локации каде што може да се складира отпадот. А, секоја општина ќе си ги преземе своите обврски во однос на управувањето со отпадот“, вели градоначалникот Фатмир Дехари.

 

Од МЖСПП ветуваат комплетен одговор до крајот на неделава. Но, сепак, потенцираат дека на потег се градоначалниците од регионот, коишто треба да се договорат каде ќе го бараат решението за изградба на регионална депонија.

„Градоначалниците треба да донесат одлука на кој начин ќе се гради регионалната депонија. Дали ќе биде со средства од ИПА-компонентата, дали по пат на јавно-приватно партнерство или пак, регионот ќе ја гради депонијата со сопствени средства. Откако ќе се донесе одлуката, се пристапува кон нејзина реализација“, потенцираат од Министерството.

Дивата депонија во Кичево беше во функција со децении. Жителите коишто живеат во овој дел од градот и денеска стравуваат за своето здравје.

„Точно е дека депонијата не е активна натаму, оваа локална власт веќе две години истура песок врз депонијата и нема веќе чад. Но, целиот тој отпад собиран со години е подложен на распаѓање. Јасно е дека сите тие материи се слеваат во земјата. И сега, секој што има посадено какво и да е растение или градина, цвеќе, тоа се храни од најштетни материи... Не дај боже, да се користат тие производи за јадење. На тоа треба многу да се внимава и да им се посочува на граѓаните, за да си го зачуваат своето здравје“, велат кичевчани.

Моника Талеска

Please follow and like us: