Неизвесни референдумите во Дојран и Валандово!

Градоначалникот на општина Дојран, Борче Стамов, не ја потпишал одлуката на Советот за референдумско изјаснување на граѓан(к)ите, што требаше да се одржи в недела, на 18 јуни, ниту пак ја објавил во Службениот весник.

Според дел од медиумите, Стамов им соопштил на советниците дека одлуката не е потпишана бидејќи се водел од препораките на Државниот инспекторат за локална самоуправа, дека одлуките на Советите по 24 март - не се легитимни. Од друга страна, советниците од СДСМ побарале свикување вонредна седница, најдоцна до следниот понеделиник, за градоначалникот да даде одговор зошто не ја потпишал одлуката, како можност за донесување нова одлука за референдум.

Наводно, советниците дознале дека одлуката не е потпишана, откако од правната служба на Општината побарале податоци за избирачките места, при што биле информирани дека референдумот нема да се одржи?!

Со опструкции се соочува и иницијативата „Спас за Валандово“, од каде велат дека претседателката на Советот, Јасмина Сечкова, не сака да свика седница на Советот и да го распише референдумот, иако се собрани потребните над 2.000 потписи.

„Целта на претседателката е да го одложува референдумот до отворање на рудникот. Законски таа има рок од 60 дена да свика Совет. Нејзиниот план е да го свика Советот на 59-иот ден и со тоа да добие уште 60 дена за распишување на референдумот. Затоа, од денеска ние настапуваме со радикални протести“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Роберт Марков од иницијативата „Спас за Валандово“.

Од иницијативата за денеска од 11 часот најавија блокада на магистралниот пат Валандово - Гевгелија - Демир Капија, за што, уште од вчера почнаа активности за мобилизирање на незадоволните граѓан(к)и.

„Локалните референдуми се исклучително важни за демократските процеси во едно општество. Тие директно влијаат врз квалитетот на работата на институциите и сведочат за учеството на граѓанките и граѓаните во процесите на донесување одлуки. Опструирањето на ваквите иницијативи е неприфатливо и антидемократско. Во целост ги поддржуваме иницијативите за локални референдуми и бараме од институциите час поскоро да им излезат во пресрет на нивните барања! Ние, како организација која ги набљудува изборните и политичките процеси во земјата, ќе останеме на терен и ќе ги набљудуваме состојбите“, изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ.

Please follow and like us: