Спасовски: Македонија е подготвена да сопре нов бран бегалци

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Мартин Брезак, амбасадор на Словачка во Македонија го посетија транзитниот центар „ВинојугТ“ кај Гевгелија, по повод новата ротација на полицискиот контингент од Словачка. Министерот Спасовски изјави дека Македонија е повеќе од доволно подготвена, во случај на нова бегалска криза, со двата транзитни центра во Гевгелија и Табановце.

Амбасадорот Брезак смета дека бегалската-мигрантска рута мора да остане затворена што е значаен интерес не само за Словачка, туку и за сите земји членики на ЕУ. Според амбасадорот, потребен е нов пристап што ќе биде поефикасен во намалувањето на криумчарењето и илегалните преминувања.

И додека министерот Спасовски е сигурен дека Македонија може да се справи со евентуална нова бегалска криза, со прифаќање и понатамошен безбеден транспорт на бегалците, со хумано и достоинствено однесување, како и досега, без потреба од нови кампови, хуманитарците и организациите посветени на заштитата на правата на бегалците, се соочуваат со секојдневни обиди на бегалци/мигранти за премин на границата со Грција.

Ставот на организациите што се борат за правата на бегалците, останува дека се потребни промени во Законот за азил и миграција и дека затворањето на рутата не е решение.

По повод Светскиот ден на бегалците ЦИВИЛ, Легис и Здружението на млади правници беа едногласни дека затворањето на рутата предизвикува поголеми проблеми, бидејќи, како „рута на животот“, ги поттикнува нелегалните миграции, особено по неможноста за добивање азил и приспособување на условите за живот во Македонија.

Please follow and like us: