Стоп за злосторствата против човештвото!

Меѓународниот ден за поддршка на жртвите на тортура, 26 Јуни, секоја година претставува мачен потсетник за сè поголемиот број жртви на сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување, но истовремено, повикува на солидарност и поддршка на сите кои поминале низ процесот на мачење и негирање на човечкото достоинство.

Тортурата е кривично дело според меѓународното право, што ги обврзува сите членови на меѓународната заедница, без разлика дали некоја држава ги ратификувала меѓународните договори, да се борат против систематското практикување на тортурата, односно злосторството против човештвото.

Амнести Инернашнл пред повеќе од 30 години започна кампања против тортурата #StopTorture, за поддршка на жртвите од целиот свет и подигање на јавната свест за сериозноста од последиците, не само на жртвите, туку и на цели генерации поведени од идејата дека насилството е начин за остварување на одредена цел.

Токму, војните, бегалските миграции, затворањето на границите, како национална безбедносна мерка, оставаат простор за ширење на нехуманост и нечовечки третман, овозможувајќи тортурата и насилството да се вкоренат како пракса.

ЦИВИЛ - Центар за слобода остро го осудува секој обид на брутално газење на човечковите права и слободи, негирањето на човековото достоинство и физичкото насилство. Македонија не е лишена од тортура, а според последните наоди, условите во затворите се алармантна приказна на која институциите мора итно да реагираат, посебно по големиот број смртни случаи. Политичките затвореници, претепани новинари, злоупотребата и насилството врз децата, говорот на омраза, доплнително го одбележа насилството во   Македонија минатата година, за што надлежните институции мора да преземат одговорност и мерки за спречување.

„Народниот правобранител како Национален превентивен механизам врши континуиран мониторниг во местата на лишување и ограничување на слободата на движење и постојано алармира за нехуманите услови и понижувачкиот третман на којшто се изложени лицата во овие места“, стои во соопштението на омбудсманот Иџет Мемети, по повод Денот на жртвите на тортура.

Оваа година OHCHR (Канцеларијата на ОН за човекови права), заедно со Меѓународната адвокатска комора, организира панел дискусија на високо ниво на Кралскиот колеџ во Лондон, со цел утврдување на апсолутната забрана на тортура, а ќе ја предводи Високиот комесар за човекови права, Зеид Раад Ал Хусеин.

На 12 декември 1997 година, со резолуцијата 52/149, Генералното собрание на ОН го прогласи 26 Јуни за Меѓународени ден на Обединетите нации за поддршка на жртвите на тортура, со цел целосно искоренување на тортурата и ефективно функционирање на Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или деградирачко постапување или казнување.

Б. Ј.

 

 

Please follow and like us: