Уште еден граѓански активист во составот на новата Влада

Соочувањето со еден дологогодишен политички систем на владеење во Македонија, што ги задуши вистинските вредности на земјата, преку „реформи“ кои доведоа до катастрофални состојби во здравството, образованието, економијата, социјалата, што предизвика енормна стапка на сиромаштија, иселување на младите, не почитување на работничките права и експлоатирање на работната сила, бараше голема храброст од оние кои се дрзнаа гласно да приговаарат и да бараат промени од претставниците на граѓанското општество

Новата Влада, предводена од СДСМ, извојува битка со силен „ветер во грб“, огромна поддршка на граѓанското општество, во насока на остварување на оние цели и промени за подобрување на оппштествената, политичката и социјалната состојба што се заеднички за сите граѓанки и граѓани во Македонија. Сега се поставува прашањето колку преминот на граѓанските активисти во новата Влада е поттикнат од нивното убедување дека на политичката сцена ќе придонесат со нови и свежи идеи за успешно реализирање на долгопосакуваните промени, а колку одлуката лежи токму во новото раководство на извршната власт - дека за исполнување на предизборните ветувања им требаат луѓе кои работите ги гледаат од поинаков агол.

По влегувањето на Павле Богоевски, Ивана Туфегџиќ во парламентот и по Бранимир Јовановиќ, Бојан Маричиќ, Петрит Сарачини, влезот во политика, на својот Фејсбук профил, го најави и Марјан Забрчанец.

„Ќе се вложам со цел свој капацитет, новата Влада на Република Македонија да ја оправда својата позиција како отворена, реформска и отчетна, а во исто време, гласот на граѓаните да биде слушнат, разбран и испочитуван. За овие вредности се боревме, за тоа и ќе продолжиме да дејствуваме заедно со целиот тим, преку министерствата и институциите, во соработка со сите демократски општествени чинители... Останувам искрен соработник и силен поддржувач на граѓанскиот сектор, со цел Македонија да стане едно, единствено, демократско и правично општество за сите граѓани“, вели Забрчанец, најавувајќи ја својата позиција - советник за комуникации и односи со јавност на премиерот на Република Македонија.

Останува надежта дека вербата во активистите стекната за време на протестите, на улица, ќе се докаже и зголеми и на новите политички позиции.

Б. Ј.