Во Битола умираат и мерачите за воздух!

Мрежата на југосточна Европа „Bankwatch“ (CEE Bankwatch) организираше средба во Европскиот парламент во Брисел на 26 јуни 2017, на која покрај европратениците и претставниците на Европската комисија, присуствуваа и претставници на Енергетската заедница, на НВО и на граѓански здруженија од Балканот. На средбата на која присуствуваше и Иван Чулакоски претставник на граѓанското здружение „За нас се работи“ од Битола, беше прикажан документарен филм и беа презентирани резултатите од независните мерења за загаденоста на воздухот во државите на Западен Балкан.

„При мојата официјална посета на Европскиот парламент во Брисел на 26 јуни 2017, како граѓански активист од 'За нас се работи' од Битола, на покана од CEE Bankwatch на која присуствуваа европратеници, претставници на ЕК и на Енергетската заедница, на НВО и на граѓански здруженија од Балканот беа презентирани резултатите од независните мерења на CEE Bankwatch за Западен Балкан. На настанот кој беше воден од CEE Bankwatch Network и Бас Ајкхут, европратеник од Greens/EFA, беа изнесени сите проблеми и беше повикано на итно реагирање во однос загадувањето на воздухот во Западен Балкан а воедно и во Битола“, изјави Чулакоски, за ЦИВИЛ Медиа.

Во истражувањето на Мрежата на југоисточна Европа “Bankwatch” за загадувањето во битолскиот регион стои дека аерозагадувањето е толку многу високо што за да може да функционира инструментот за мерење на квалитетот на воздухот, мора да се чисти на неколку дена.

„Во Битола, Македонија, нивото на загадување е толку високо, што само по неколку денови, филтрите на машината и комората за мерење беа контаминирани, по што мораше да бидат испратени на чистење и рекалибрација“, се вели во Извештајот на романската експертка за животна средина, Иона Чиута, координатор во Мрежата на Југоисточна Европа „Bankwatch”.

Европската комисија е со став дека ситуацијата на Западен Балкан е повеќе од алармантна и дека концентрацијата на РМ10 честичките е многу повисока од забележаните вредности во ЕУ. Како најчест загадувач се наведени кафеавиот јаглен и биомасата кои се користат за греење или за енергија.

„Намалувањето на употребата на јаглен и неговото заменување со почисти горива, треба да биде првиот чекор во борбата за почист воздух“, заклучил Франсоа Вакенхут, главен одговорен за Единицата за чист воздух на Генералниот директорат за животна средина.

„Сите локални заедници што беа набљудувани, страдаат од енормно лош квалитет на воздухот, и наместо да стануваат што погласни, нема на видик политичка одлука да се реши овој проблем. Заеднички заклучок на сите учесници на средбата беше дека за овој проблем пред се треба да постои политичка волја, која за жал, во Македонија недостасува до денес“, вели Чулаковски.

Маја Ивановска