Залудни предупредувањата на УНЕСКО: во Лагадин се гради без дозвола!

Продолжува градбата на објектот во Лагадин - без одобрение за градба. Како што информираат од граѓанското здружение „Охрид СОС“, потврда за тоа пристигна и од Инспекцискиот совет на Република Македонија, во чиј одговорот по поднесената претставка се вели: „Согласно податоците кои ги имате доставено до Инспекцискиот совет, градбата на објектот е повторно отпочната без никакво одобрение за градба“!

„Општина Охрид, под итно да си пратите служби на терен, да се запрат воскреснатите незаконски активности во Лагадин!“, порачуваат од „Охрид СОС“.

Здружението „Охрид ЅОЅ“ ги испрати истите информации и до Општина Охрид и до Секторот урбанизам, од кои се бара итно прекинување на сите активности, издавање одобрение за отстранување на бесправниот објект и најстрого санкционирање на лицата кои го прекршиле законот со обидот од 14 јуни 2017, повторно да почнат со градежни работи.

Сопствениците на имоти во Лагадин основаа здружение на граѓан(к)и, за да може да се вклучат во процесот на носење одлуки на локално ниво, откако истото право им беше незаконски одземено со укинувањето на Месната заедница Лагадин.

„Ве известуваме дека ќе ги искористиме сите правни механизми на располагање и дека ќе се обратиме до сите инстанци во земјава, и доколку има потреба, надвор од неа“, стои во претставките што сопствениците на имоти во Лагадин ги пратија до Инспекцискиот совет на Република Македонија и до Општина Охрид.

Незаконското продолжување со градба во Лагадин, доаѓа и покрај предупредувањето на експертскиот тим на УНЕСКО, кој во месец април беше во посета на Охрид. Во нивниот извештај, состојбата се оценува како сè полоша и сметаат дека е можна сериозна деградација на овој заштитен екосистем, пред сè, поради предвидените и според нив, несоодветни инфраструктурни проекти.

УНЕСКО предупреди дека под влијание на несоодветни човечки активности, стотина природни добра се пред исчезнување. Најновите истражувања откриваат дека кај 63 проценти природни добра се забележува негативно човечко влијание, а дека дури 91 процент од анализираните подрачја се соочуваат со драстично губење на шумите!

Посетата на УНЕСКО беше токму поради плановите за изградба на хотел во заштитениот зелен појас во населбата Лагадин, како и поради плановите за изградбата на ски-центар на Галичица, патот А3, автопатот А2 и Железничкиот коридор 8.

М. Теговска