Формиран е Советот за реформи во правосудството!

Денеска е формиран Советот за реформи во правосудството, како дел од владиниот акциски план за реформи 3 - 6 - 9. Во составот на ова тело влегуваат 17 надворешни  и пет члена од Министерството за правда. Претседател е министерот, Билен Саљији, а, заменик на Советот е заменик министер за правда, Оливер Ристовски.

„Првата средба на членовите на Советот за реформа на правосудството беше искористена за меѓусебно запознавање, поставување на рамката на делување и воспоставување на конкретните начела за идната работа. Советот се формира како тело коешто би требало да му помогне на министерот за правда, во остварувањето на активностите предвидени од страна на Владата во областа на правосудството: давање мислење за новата стратегија од областа на правосудтсвото, давање мислења во однос на клучни закони од оваа област, кога тие ќе бидат поставени на дневен ред за промена или донесување и давање иницијативи за конкретни промени во правосудството“, изјави професорката д-р Мијрана Најчевска, за Грин ЦИВИЛ.

Покрај професорката Најчевска, членови на Советот се и универзитетските професори: Беса Арифи, Мерсим Максути, Борче Давитковски, Љубомир Фрчкоски и Гордан Калајџиев. Потоа поранешните судијки во Европскиот суд за човекови права, како претставнички од меѓународните судови: Мирјана Лазарова – Трајковска и Маргарита Цаца -Николовска, Европскиот суд за човекови права. Во ова тело ќе членуваат и претседателот на Здружението на судии, Џемаил Саити, Народниот правобранител, Иџет Мемети,државниот правобранител, Насер Ајдари и Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права.  Во Советот ќе членува и врховниот судија, Фаик Арслани, претседателот на Апелацискиот суд во Гостивар, Шефајет Хајдари, претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, претседателот на Основниот суд Скопје 2, Илир Сулејмани и уставната судијка, Наташа Габер- Дамјановска. 

Членовите во Советот имаат задача да ги вложат својата и експертизата на структурите од кои потекнуваат, да бидат критични, да понудат правни решенија кои ќе овозможат развој на правосудството и да обезбедат промени кои ќе соодветствуваат на реалните потреби и интереси на граѓаните. Вака како што е формиран, како што вели правната експертка Најчевска и според она што е презентирано како негова задача и како начин на делување, Советот има шанси да стане тело кое што ќе има реално влијание во реформата на правосудството.

„Секогаш останува опасноста едно вакво тело да биде искористено само како алиби за промените коишто ќе ги прави власта, односно, да биде сведено на сопственото формално постоење без фактичко влијание и без искористување на неговите експертски капацитети. Натамошната динамика на работата на Советот, содржините на кои ќе работи, фактичкото влијание во промените кои ќе се прават и транспарентноста во работењето се клучните елементи врз основа на кои ќе може да се процени работата на ова тело. Договорено е редовно информирање на јавноста за работењето на Советот и суштинска транспарентност која овозможува како процена на работењето на Советот, така и на потребата од неговото постоење“, додава професорката Најчевска.

Моника Талеска

Please follow and like us: