Елиминација на насилството врз жените и девојчињата!

Министерствата за труд и социјална политика и за здравство и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ја најавија реализацијата на проектот: „Подготовка за ратификација на ‘Истанбулска конвенција’ - Усвојување на подобри политики и пракси за елиминација на насилството врз жените“, преку кој, Македонија треба да се подготви за ратификација и имплементација на Истанбулската конвенција

Една од целите на проектот е развивање на рамка за координиран и стратешки пристап за справување со насилството врз жените и девојчињата, како и исполнување на стандардите на Истанбулската конвенција за ефективно обезбедување на соодветни услуги.

„Истанбулската конвенција“ воспоставува силна практична база за превенција, заштита на жените и девојчињата од насилство и прогон на насилниците и има за цел воспоставување на еднакви права меѓу мажите и жените, и елиминација на родово базираното насилство.

Според министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, започнати се подготовките и координацијата со останатите релевантни институции и меѓународни организации, за отворање на Центар за жртви на сексуално насилство, во кој жртвите ќе добијат психосоцијална поддршка, и помош за нивна ресоцијализација и реинтергација.

Согласно меѓународните стандарди за човекови права, ќе се изработаат интерни документи за функционирање на Центарот: за постапките и процедурите на упатување, сместувањеи престој, правила за однесување на ангажираниот персонал, протокол за заштита..., како и протоколи за постапување со жртви на сексуално насилство согласно законските обврски и обврските од Конвенцијата .

Според министерот за здравство Арбен Таравари, Истанбулската конвенција ќе биде голем чекор напред кон елиминација на насилството врз жените, а проектот ќе придонесе за подигнување на свеста и ќе ги елиминира предрасудите кон родово базираното насилство.

Постојаната претставничка на Програмата за развој на ОН, Луиза Винтон, потенцираше дека Истанбулската конвенција претставува инструмент на меѓународното законодавство што може многу да помогне во борбата за елиминирање на насилството врз жените. ,,Поддршката на ратификацијата и имплементацијата на Конвенцијата е приоритет на сите агенции на ОН, присутни во државата. Затоа, сум горда што го започнуваме овој проект, сега и тука, заедно со нашите два партнера од Владата’’, рече Винтон.

Покрај Центарот за жртви на сексуално насилство што ќе го отвори МТСП, проектот иницира отворање на три пилот - центри за упатување на жртвите на сексуално насилство, лоцирани во здравствени установи во Скопје, Куманово и Тетово. Во рамки на проектот ќе се организираат експертски дебати и обуки за сите релевантни страни, како и истражување за алтернативните модели на функционирање на шелтер центри за жртви на семејно насилство. Меѓу планираните активности е и поддршката на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, преку која ќе се работи на подигнување на јавната свест и искоренување на предрасудите и негативните родови стереотипи.

Активностите се финансирани и имплементирани од Програмата за развој на Обединетите нации, а планирано е да финишираат до крајот на 2017 година.

Please follow and like us: