Македонија во пламен!

Со денови беснеат пожари во Македонија, на бројни локации. На готовс се сите противпожарни единици во државата. Работат деноноќно кризните штабови, Центарот за управување со кризи... На располагање се ставаат сите општински ресурси за да се извојува битката со огнената стихија, а се вклучуваат и војници на АРМ, авиони и хеликоптери.

Пожар во Порече

И покрај огромниот ангжман на жива сила и други ресурси, не стивнува огнот во Поречието. Изминативе две недели, пламените јазици проголтаа преку 300 хектари квалитетни борови шуми. Конечно, избегната е опасноста за жителите на селото Требовље, а спречено е и напредувањето на пламените јазици кон селото Растеш. Според Центарот за управување со кризи, освен пожарникарите од Македонски Брод, на овие локации интервенираат и работници на скопската Територијална противпожарна единица и на Шумското стопанство од Кавадарци, со помош на војници од АРМ.

Горат шуми и во реонот меѓу селата Девич и Грешница.

И покрај деноноќната битка со огнот, овој пожар којшто е активен и во атарот на селото Здуње, има тенденција да се прошири кон тетовското село Гургурница, а веќе е префрлен на непристапен терен за возила, на територијата на општина Гостивар, во атарот на селата Корито и Железна Река. Таму гори сува трева, смрека, пасишта и мешана шума. Пожарот е локализиран од едната страна, кон селото Страјане и кон манастирот, но од спротивната страна е сè уште активен.

Пламтат пожари и во Пелагонија. Во атарот на селото Локвени, а во правец кон соседното село Подвис, еден ден гори деградирана дабова шума. Во близина на овој пожар е манастирот „Св. Атанасие“. Екипи на противпожарните служби од Кривогаштани и Крушево интервенираат на терен и се борат со стихијата.

Пожари беснеат и на падините на Горна Јакупица, на тешко пристапни терени. Во атарот на селото Богомила, вчера попладне изубнал пожар во којшто гори сува трева и ретки дрвја.

Зафатен од пожари е и источниот дел од земјата. На потегот меѓу селата Теранци и Видовиште, во општина Зрновци – Кочанско, кај местото викано Трнавица, избувнал пожар во ниска шума, а потоа се проширил кон висока квалитетна шума. Огнените јазици уништиле досега 300 хектари со шуми. Огнот се шири кон манастирот „Света Петка“ на планината Плачковица. Пожарот е активен, но не е закана за околните населена места. Екипи на ТППЕ Кочани се активни на теренот.

Синоќа, на два часа пред полноќ, скопската бригада за противпожарна заштита интервенирала на гаснење на пожар во шума во атарот на селото Студеничани.

Надлежните дополнително ќе ги проценуваат штетите од пожарите. Иако МВР дополнително ќе ги истражува причините, според првичните информации, човечкото невнимание е причина за дел од пожарите.