Охрид: Напуштање на налудничавите идеи за хотелски ресорти во Градиште и Љубаништа!

Група револтирани граѓани од Лагадин, но и од останатите населени места од Охрид и крајбрежјето, за утре (сабота, 4 август) најавија протест за одбрана на Лагадин и Охридското крајбрежје од понатамошна урбанизација.

Протестот е закажан за напладне, пред градилиштето на спорниот хотел, што соденови е топ-тема на социјалните мрежи и во дел од медиумите, во населбата и во непосредна близина на планираната локација за спорната „Медитеранска плажа“.

Целта на протестот е привлекување на вниманието на институциите и на пошироката јавност кон сите обиди за уништување на крајбрежјето, Езерото и Националниот парк „Галичица“, кои најчесто се прават под превезот на развој и унапредување на туризмот.

Драгана Велковска од здружението „Охрид СОС“ за ЦИВИЛ Медиа изјави дека иако здружението не е дел од организацијата на протестот, тие безрезервно го поддржуваат. „Ги поддржуваме граѓаните, пред сè, затоа што тие веќе немаат никаква можност и механизам за комуникација со локалната власт, затоа што им ја укинаа и затворија и месната заедница“, вели Велковска.

„Ги повикуваме сите оние кои не се согласуваат со урбаното, еколошко, звучно и секакво друго насилство врз Охридскиот регион, да дојдат, и заедно со нас, преку еден симболичен чин, гласно да ги повикаат добрите духови на езерото и планината, во одбрана на автентичното, природно, културно и амбиентално богатство на Охрид и крајбрежјето“, велат граѓаните-иницијатори на протестот во своето соопштение.

„Преку овој протест, бараме неотповикливо поништување на дозволата за изградба на спорниот хотел и негово уривање, повлекување на плановите за 'Медитеранска плажа', да се заборави еднаш - засекогаш лудата идеја за хотелски ресорти во Градиште и во Љубаништа и за експресен пат на Галичица. Бараме прогласување на мораториум на градењето на објекти од цврста градба долж крајбрежјето, до целосното преиспитување на досегашната стратегија, заснована на идејата за негова хиперурбанизација и хиперурбанизиран масовен туризам, и донесувањето на нова стратегија за одржлив развој. Оваа стратегија ќе овозможи трајна заштита на пејзажните и амбиентални вредности на Охридскиот регион, во прв ред, преку оневозможување на неговото натамошно затрупување со нови објекти од цврста градба и отстранување на започнатите, веќе оспорени градби, а потоа, и преку развивање на концептите за развој на алтернативниот туризам и еколошки заснован јавен транспорт“, решителни се граѓаните, во својот повик за мирен протест за трајна заштита на Охридскиот регион.

Маја Ивановска

Please follow and like us: