Над 12 милиони денари за зеленило во општина Центар

Општина Центар издвои 12 милиони и 150 илјади денари за реконструкција и одржување на зеленилото. Во рамки на акцијата „За Зелен Центар“ што треба да почне наскоро ќе се садат оформени дрвја и на повеќе локации ќе се засадат 5.000 садници.

Како резултат на градењето врз зелени површини во рамките на проектот „Скопје 2014“, во Мал ринг во Центар во 2013 година, зеленилото е намалено за 50%.

Во завршна фаза се подготовките во Општина Центар за изградба на парк во Капиштец, кој ќе биде сместен од делот кај Зебра до Беверли Хилс и ќе биде хортикултурно и партерно уреден и со ново осветлување.

Нов парк е предвиден кај Зелен пазар, ќе се обновува зелената површина во Буњаковец позади Универзална сала, ќе се реконструираат жардиниерите и исушените дрвја на Сквер Јадран  и ќе се изврши  реконструкција на дел од Паркот Франкофонија.

Ќе се продолжи со практиката за зазеленување на сите слободни површини што може да бидат „маалски“ паркови, а ќе се постават и автоматски системи за наводнување. Како конкретна мерка во поглед на зазеленувањето на слободните површини ќе се изврши и реновирање на Урбан парк, кој е целосно запуштен.

Зазеленувањето на Општина Центар ќе придонесе за зголемување на квалитетот на воздухот, а со тоа и на квалитетот на животот и за заштита на животната средина.


Извор: МИА