Меѓународна конференција за блатните еко-системи

Педесеттина врвни експерти од областа на блатните еко-системи од целиот свет учествуваат во работата на Меѓунардната конференција што се одржува во Охрид.

На собирот организиран од Европскиот огранок на Друштвото на научници од областа на блатните екосистеми (SWS), Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. и Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ“ ќе бидат разменети најнови информации за состојбата на блатните еко-системи, се очекува да бидат понудени решенија за предизвиците кои современото управување со земјиштетото и урбанизацијата ги наметнува врз тие суштински важни делови на животната средина.

Во текот на конференцијата ќе бидат презентирани и повеќе од 30 трудови во кои е јасно одразена улогата на блатните еко-системи и вредноста што ја имаат тие преку обезбедување на биолошката разновидност и услугите кои ги нудат. Еко-системските услуги даваат исклучителна можност за развој на регионалната економија преку одржлив развој на (еко)туризмот и едукација на јавност, оттаму и високиот приоритет што треба да се даде на активностите насочени кон нивна заштита и ревитализација.

За време на конференцијата е предвидена и посета и проценка на состојбата на Студенчишко блато, како нераздвоен и незаменлив дел на поширокиот еко-систем на Охридското Езеро.

Се очекува во рамки на утрешниот ден на конференцијата во Охрид да биде усвоена и Декларацијата за заштита и ревитализација на Студенчишко блато и Охридското Езеро.


Извор: МИА

Please follow and like us: