Коцевски: Потребна е револуција на умот за да ги достигнеме вистинските европски вредности

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, учествуваше на работилницата „Каква Македонија сакам?“ во организација на ЦИВИЛ. Со присутните граѓански активисти сподели информации што се однесуваа на активностите на општината во областа на зачувување и заштита на животната средина и подобрување на животот на Велешани. Меѓу другото, Кочески истакна дека во процесите на евро-интеграција, тој како градоначалник ќе се обиде тие да се постигнат преку транспарентност и соработка со граѓанското општество, но и со граѓаните.

„Колку е подготвен не знам, но друга алтернатива немаме. Велес отсекогаш зрачел со позитивни европски вредности, особено во времето на преродбата. Сите прогресивни идеи во Македонија се ширеле преку Велес. Ние имаме сериозна задача да бидеме доследни на нашите славни претходници и истото да го практикуваме во наредниот период. Јас мислам дека тоа ќе го направиме успешно, но за тоа ни треба пред сè еволуција или револуција во умот. Мора некои навики да ги промениме ако сакаме да ги достигнеме вистинските европски вредности, а не едно да зборуваме за јавност, пред Европјаните, туку тоа што го зборуваме пред странците искрено да мислиме дека е вистинскиот пат“, изјави Коцевски за ЦИВИЛ Медиа, на прашањето колку Велес е спремен да ги почитува и практикува европските вредности.

Што се однесува до зелените иницијативи, Коцевски изјави дека е горд на своите сограѓани затоа што Велес важи за град со најразвиена еколошка свест и совест и дека другите градови во Македонија можат многу да научат од нив.

„Јас во мојата програма ветив дека Велес ќе биде убаво место за живеење и дека ќе биде зелен град. Веќе почнавме со конкретни активности како да ја зголемиме квадратурата на зелени површини и бројот на садници... исто така ќе одиме со масовни акции на пошумување на околните голи ридови“, изјави Коцевски.

За сите овие предвидени активности, градоначалникот е сигурен дека ќе ја добие поддршката од Советот на Општина Велес и од граѓаните.

Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов

This post is also available in: Albanian English