Уставниот суд го поништи референдумот за Казандол

Уставниот суд го поништи рефендрумот во Дојран. Одлуката за поништување на ланскиот референдум, стои во број 117 на Службениот весник на Република Македонија, од 26 јуни. 

Граѓаните на Дојран гласаа против отворање на рудникот Казандол, но и други рудници на територијата на општината. 

Активистите на Спас за Гевгелија на социјалните мрежи реагираат со критики кон највисоките судии, кои според нив се приклучуваат во планот за „геноцид“ на 400.000 Македонци.

Законитоста на референдумот за Казандол како точка пред Уставен Суд ја поставија поранешните градоначалници на Дојран и Валандово, Борче Стамов и Николче Чурлиновски, кои одбиваа да ги потпишат решенијата за одржување референдуми, тврдејќи дека немаат надлежност за такви одлуки.

Пред речиси два месеца, Уставниот суд ги поништи и одлуките за распишување референдум за Казандол, донесени од Советот на Општина Валандово на 3 и 10 јули 2017 година. Во тој период, според Уставниот суд, одлуките за референдум се неуставни и незаконити, бидејќи прашањето на концесии не е од локално значење за да може локалната самоуправа да распишува референдум.

Подносител на иницијативата беше поранешниот градоначалник на општина Валандово, Николче Чурлиновски. Референдумот беше дел од иницијативата Спас за Валандово, кој по тримесечни обиди за закажување, се одржа на 20 август, но не успеа бидејќи немаше доволна излезеност.

А. Петровска 

 

This post is also available in: Albanian English