Смилев: Хипокризија и агонија на екологијата

По информациите дека Министерството за животна средина за кампања за референдумот ќе издвои 170.000 евра, зборувавме со Игор Смилев, активист, поборник за здрава животна средина и претседател на здружението Green Power од Велес.

Демант од Министерството за животна средина нема. Но во меѓувреме Владата реши наместо парите за кампања за референдумот да бидат обезбедени преку собирање средства од сите министерства, да се обезбедат од моменталните резеви во Државниот буџет. Целосната сума за кампањите изнесува 1,3 милиони евра.

„Има еден суров и очаен парадокс поврзан со оваа гротеска од референдум. Во еколошки најнечистата држава еден од главните финансиери на Референдумот се јавува Министерството за животна средина кое воедно има и најмал буџет од сите останати министерства во владата. За оваа намена, ова министерство ќе издвои неверојатни 170.000 евра. Држава со вакво министерство и тоа како треба да стравува за својата еколошка иднина. Патем, знае некој како се вика министерот за животна средина?“, напиша Смилев на својот Фејсбук профил.

Но и покрај ваквата одлука на Владата, она што навистина е важно од овој разговор е односот кон животната средина од страна на Владата и Министерството за животна средина кое важи за едно од најсиромашните министерства во земјата.

„Во една нормална држава ова би било настан без преседан и настан којшто треба длабоко да не вознемири сите нас. Особено затоа што станува збор за држава којашто е еколошки најнечистата и најнесозреаната и држава во којашто најмалку се вложува во екологијата. Уште поапсурдно е што Министерството за животна средина е убедливо најсиромашното министерство кога станува збор за финансиски средства, од сите министерства, а се работи за највитален сектор.

Имено, исполнувањата на критериумите во ова министерство се во првите три приоритети за влез во Европската Унија. Или во превод за да влеземе во ЕУ мораме најмалку десет години да работиме само на полето на животната средина за да ги исполниме условите за влез во ЕУ и притоа со ништо друго да не се занимаваме. Во едни такви околности давањето на 170.000 евра, ако е точна информацијата е навистина садизам една хипокризија и агонија на екологијата.

Сметам дека оваа држава не треба ништо да очекува во поглед на еколошката иднина. Ако ние на овој начин ја урнисаме животната средина сме го урнале тројниот столб: економија – социјала – екологија, којшто е основа на одржливиот развој.

Да бидам искрен не навлегувам во тоа дали државните органи односно министерствата се надлежни да помагаат референдум, но знам дека навистина е срамота и резил Министерството за животна средина да издвојува за референдум во услови кога имаме и живееме во еколошки девастирана држава. Хипокризија и лицемерие до бескрајни граници и навистина не можам да најдам друг начин да го искажам со зборови ова што се случува. Нека ми простат сите чесни и искрени професионалци во Министерството за животна средина коишто на следната прес-конференција ќе кажат како направиле илјадници проекти. Џабе е се кога пред наши очи се уништува Водно. Кога пред наши очи се уништува целокупната животна средина од типот на сечење на дрвна маса на сите планински масиви ширум Македонија.

Ако сето тоа не можеме да го спречиме со едноставно оправдување дека Министерството за животна средина нема пари, тогаш ова навистина е претеризам. Јас искрено сакам да излезат со демант и ќе бидам најсреќен ако Министерството за животна средина даде нула денари за референдумот“, вели Смилев за ЦИВИЛ Медиа.

Маја Ивановска
Камера: Биљана Јордановска

This post is also available in: English