Искоренување на сиромаштија преку инклузија

Од ден на ден сме сведоци колку Македонија, и покрај сите владини мерки, поранешни и сегашни, тоне во сиромаштија. Невработеноста, социјалната исклученост, дискриминацијата, недостигот на образование, ги турка граѓанките и граѓаните сè подлабоко во немаштија и немање егзистенцијални услови за живот.

Она што го обележува животот во Македонија е сиромашно општество поделено на екстремно богати, сиромашни и екстремно сиромашни. Првиот екстрем е малуброен, а вториот екстрем е она што влева страв скоро на секој граѓанин и граѓанка во државата.

ЦИВИЛ – Центар за слобода се приклучува кон заложбите да се надмине сиромаштијата со инклузија, а не маргинализација на екстремно сиромашните луѓе. Институциите и надлежните органи треба да преземат одговорност и да се заложат да го остварат правото на секој човек да има услови за пристоен живот.

На 17 октомври 1987 година, сто илјади луѓе од сите слоеви на општеството се одзваа на повикот од Јосиф Вресински да дојдат сите заедно во Париз за да го одбележат првиот Светски ден за надминување на екстремната сиромаштија во Куќата на човекови права и слободи, каде во 1948 година беше потпишана Универзалната декларација за човекови права.

Генералното собрание на Обединетите нации одлуката за одбележување на Светскиот ден за борба против сиромаштија ја донесе дури во 1992 година.. Извештајот на Генералниот секретар на ОН смета дека е важно – лицата кои живеат во екстремна сиромаштија да не бидат маргинализирани, туку спротивно, вклучени во социјалниот живот.

Нивното имлементирање во заедницата може да помогне во борбата против екстремната сиромаштија, но и да ги промовира начините за мобилизација на сите заинтересирани страни, базирани на заштита на човековите права.

Please follow and like us: